До пред неколку месеци на парламентарните избори се гледаше како на трка со предвидлив исход, но влегувањето на Милановиќ во неа ги промени првичните очекувања
Денеска во Хрватска се одржуваат единаесеттите редовни парламентарни избори на кои право на глас имаат околу 3,7 милиони граѓани на земјата. Гласањето почна утрово во 7 часот на повеќе од 6 500 избирачки места и ќе трае до 19 часот, до кога е во сила и изборниот молк.
Кратко по затворањето на избирачките места се очекува да бидат објавени резултатите од првите излезни анкети, а во 21 часот Државната изборна комисија, како што пренесува Индекс.хр, треба да почне со објавување на првите изборни резултати, кои ќе се ажурираат на секои 15 минути.
Изборите за единаесеттиот состав на хрватскиот парламент, како што пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, се очекува да бидат најнеизвесните од независноста на Хрватска во 1991 година.
На изборната трка ѝ претходеа изненадувања откако претседателот на земјата Зоран Милановиќ минатиот месец неочекувано најави дека ќе биде кандидат за премиер на опозициската Социјалдемократска (СДП), од која замина во февруари 2020 година. Сепак, Уставниот суд на земјата одлучи дека Милановиќ не може да биде кандидат за премиер на листата на СДП. Милановиќ, пак, уште пред Судот да ја соопшти одлуката изјави дека без оглед каква ќе биде таа, тој ќе биде кандидат за премиер.
„Неважно е што мислат, небитно е што мислат во Уставниот суд. Тие можат да донесат каква што сакаат одлука, јас ќе бидам во кампања и ќе бидам кандидат за премиер“,
рече Милановиќ и на 17 март.
Негов главен ривал на изборите е досегашниот премиер и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ, со кого Милановиќ е во отворен судир за речиси сите прашања кои се однесуваат на внатрешната и надворешната политика на земјата. Пленковиќ и неговата партија се борат да добијат трет мандат од граѓаните за состав на влада.
Инаку, Хрватската демократска заедница во голема мера ја предводеше владата откако Хрватска прогласи независност од поранешна Југославија во 1991 година. Земјата стана членка на НАТО во 2009 година, а четири години подоцна и полноправна членка на Европската Унија (ЕУ). Од 2023 година Хрватска е дел и од еврозоната и членка на монетарната унија на ЕУ.
Предизборните анкети што ги објавија водечките медиуми во Хрватска предвидуваа дека ХДЗ ќе биде релативен победник на изборите, што му дава поголема шанса на Пленковиќ да формира влада, но ниту една партија нема да може да го направи тоа самостојно, па нејзиниот состав ќе зависи од постизборните коалиции.
Инаку, до пред неколку месеци на парламентарните избори се гледаше како на трка со предвидлив исход, но влегувањето на Милановиќ во неа ги промени првичните очекувања.
Познат по неговата остра реторика, предизборниот период го одбележаа остри полемики и препукувања со главниот политички ривал.
Иако поради забраната од Уставниот суд, Милановиќ не учествуваше на предизборните митинзи на СДП, тој речиси секојдневно преку изјави за медиумите и објави на социјалните мрежи ја критикуваше ХДЗ на Пленковиќ, обвинувајќи ја за низа корупциски скандали. Тој ги повика граѓаните да гласаат за која било партија, освен за ХДЗ, најавувајќи дека како кандидат на СДП ќе формира влада на национален спас.
Завчера на последниот ден од кампањата за парламентарните избори, Милановиќ и Пленковиќ го продолжија вербалниот конфликт кој трае со години.
Лидерот на ХДЗ го обвини својот политички ривал дека ја турка Хрватска во рускиот совет алудирајќи на неговото противење на обуката на украински војници во Хрватска, додека Милановиќ го нарече премиерот кум на криминалот во Хрватска и херојски зајак.
На последната прес-конференција на ХДЗ пред изборниот молк, Пленковиќ изјави дека очекува голема поддршка и убедлива победа на неговата партија на изборите, а како аргумент ги наведе резултатите кои ги постигнале во изминатите осум години.
Тој ги повика гласачите наклонети на десницата да гласаат за ХДЗ, а не за нивните главни противници од десниот спектар Мост и Татковинско движење бидејќи, како што наведе, тоа ќе ја донесе левицата на власт.
Милановиќ во последното обраќање на социјалните мрежи ги повика граѓаните да гласаат за која било партија, но не за ХДЗ и оцени дека Хрватска никогаш немала толку корумпирана влада и дека никогаш не се крадело во земјата како во овие осум години на Пленковиќ и на ХДЗ.
Покрај кандидатурата за премиер, Милановиќ ја изненади јавноста и со одлуката изборите да се одржат во среда бидејќи речиси сите досегашни изборни циклуси, освен оние во 2000 година, се одржуваа во недела.
На парламентарните избори во Хрватска се избираат 151 пратеник, од кои 140 се во десет изборни единици во Хрватска, секоја со по 14 пратеници.
Тројца пратеници се избираат во посебна, 11-та изборна единица, во која се гласачите без живеалиште во Хрватска, односно дијаспората, која гласаше вчера, а ќе гласа и денеска.
Во 12-тата изборна единица се избираат осум претставници на националните малцинства, од кои тројца се Срби.
Како и претходните години, се очекува овие три пратенички места да ги освои Независната демократска српска партија (СДСС), која досега беше дел од владејачката коалиција на чело со ХДЗ.
Право на глас имаат околу 3,7 милиони гласачи, што е за 127 000 помалку од пред четири години.
Од нив 3,51 милиони живеат во Хрватска, а 222 300 се регистрирани гласачи во странство, од кои повеќето во соседна Босна и Херцеговина.