Обновената дозвола на „Усје“ ќе биде според новиот закон за контрола на индустриските емисии, вели ресорниот министер Мухамед Хоџа
Во тек се стандардните процедури за обнова на А-интегрираната дозвола за „Титан-Усје“, кажа денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа.
На новинарско прашање според кој закон ќе биде доделена дозволата за Усје, министерот одговори:
„Новата дозвола на Усје ќе биде со параметри од новиот закон кој стапува во сила септември 2027 година. Ветувам дека целата постапка ќе биде транспарентна и јавноста ќе биде цело време известувана за сите постапки кои ќе се одвиваат во текот на обновата на дозволата“.
Цементарницата кон крајот на мај побара ресорното министерство да ѝ ја обнови дозволата. Процесот будно го следат екоактивисти, кои изминатиов период и преку протести порачаа дека го мониторираат процесот и обвинуваат дека компанијата бара да продолжи да работи со старите гранични вредности за загадување.
Во петокот се одржа јавна расправа на која учествуваа граѓани, членови на еколошки и граѓански здруженија, претставници на компанијата, како и на надлежните институции. Таму, од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши” прашаа дали може да се гарантира дека децата кои живеат околу цементарницата „Усје“ не се изложени на загадување од токсични материи, а од Министерството за животна средина им кажаа дека ќе одговорат написмено.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ” рекоа дека ниту со новата дозвола нема ништо да се смени бидејќи се дозволуваат високи вредности. Тие велат дека никаде експлицитно не е напишано дека дозволата ќе се даде по новиот закон.
Претставници на компанијата на јавната расправа презентираа како работат, тврдејќи дека ги почитуваат европските стандарди и дека се контролирани од Министерството за животна средина.
