Предлозите за објавување на лицата кои се во самоизолација, како и најавите на МВР за казни за негативни коментари на социјалните мрежи, според Хелсиншки комитет, не одат во прилог на заштита на правата на граѓаните. Оттаму посочуваат дека мерките што се преземаат мора соодветно да бидат таргетирани за да ги дадат посакуваните резултати
Предлозите за задолжително јавно именување на лицата кои се во самоизолација и за објавување на реоните од Скопје во кои се лоцирани случаи на коронавирус целосно ја одземаат приватноста на засегнатите лица притоа создавајќи стигма кон потенцијално заболените лица, реагираат денеска од Хелсиншкиот комитет (ХК), посочувајќи на предлог-мерките што се пласираат од јавноста во периодот по прогласувањето на вонредната состојба. Од Хелсиншкиот комитет предупредуваат дека вонредната состојба не смее да биде изговор за кршење на човековите права.
„Во време на вонредна состојба, владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности. Меѓутоа, вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права. Преземените мерки не смеат да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, односно, оние најпогодените од воведувањето на вонредна состојба. Ова се однесува на лицата со ниски примања, изолираното рурално население, лицата со потешки здравствени состојби, лицата со попреченост, бездомните лица и постарите лица кои живеат сами или во некаква институција. Човековите права и слободи мораат да бидат земени предвид при одлучувањето за преземање на мерки додека трае оваа состојба“,
велат од Хелсиншки комитет.
Оттаму посочуваат дека мерките што се преземаат мора соодветно да бидат таргетирани за да ги дадат посакуваните резултати. Тоа, како што се посочува, е во целосна спротивност со преполните автобуси на ЈСП „Скопје“ и работата во фабриките, каде што во една смена и мал простор работни обврски извршуваат по неколку стотици луѓе.
За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата. Согласно домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основа на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Произволното интервенирање би било спротивно на јавниот интерес и општото добро, а уредбите со законска сила кои ги носи владата би биле спротивни на меѓународното право. Пример за тоа како не треба да се постапува е последната реакција на Министерството за внатрешни работи, кое на социјалната мрежа „Инстаграм“ се заканува дека ќе казнува за секој негативен коментар и порака. Ваквото грубо ограничување на слободата на изразување е целосно несоодветно со сегашната состојба и е непропорционално во однос на целта која треба да се постигне“,
се наведува во соопштение на ХК.
Од организацијата оценуваат дека е нејасна и целта на радикалната забрана за движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден и насловувањето на оваа мерка „полициски час“, додека во текот на денот парковите, игралиштата и другите јавни површини остануваат главни собиралишта на големи групи луѓе. Можноста за ширење на вирусот, како што се наведува, е еднакво голема во секој дел од денот и затоа е клучно рестрикциите што се преземаат да бидат добро осмислени како би можеле да гарантираат заштита на јавното здравје и брзо надминување на здравствената криза.