Во интервју за Канал 5, Филипче рече дека разговарал со директорот на ГОБ „8 Септември“ и дека разговарале со лекарите кај кои има незадоволство заради начинот на работа и дека можни се механизми да се најде решение и за ова
Хирурзите од ГОБ „ 8 Септември“, најавуваат дека в понеделник ќе прекинат со операциите, доколку директорот Христијан Костов не им создаде услови за хируршки интервенции кои не се сметаат за итни.
Тие во отворено писмо кое го испратиле и до Министерството за здравство и до премиерот посочуваат дека се свесни оти втора година работат како главен ковид-центар во државата, но се незадоволни што операции дневно се вршат само во две, наместо во повеќе сали, односно во полн капацитет кој би бил шест сали во текот на денот.
„Јасно е дека со настанатата ситуација со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција“,
велат во писмото.
За состојбата предупредуваат преку отворено писмо до медиумите, Министерството за здравство и Владата бидејќи како што велат не можат да дојдат до директорот на болницата – Христијан Костов.
„Ние вработените на хируршките одделенија решивме да ви се обратиме преку ова отворено писмо поради целосно исцрпување на можностите да добиеме прием како хируршки колектив и лично да разговараме со директорот Христијан Костовза долготрајниот проблем за функционирањето на хируршките сали во болницата. Бараме да се овозможат услови во болницата да може истата да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата за да се постигне поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“,
велат хирурзите во писмото.
Директорот Христијан Костов преку соопштение, вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на салите за операции, но смета дека тоа за сега не е можно поради ангажирањето на дел од персоналот во ковид-одделенијата и редукцијата на капацитетите во интерес на нивно зголемување за лекување на пациентите со ковид.
„Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни заради болест, нивниот ангажман во ковид-одделенијата, редуцираниот број хируршки одделенија заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид-позитивни пациенти во кои е потребен поголем број на медицински персонал, согласно препораките на Министерството за здравство, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури)“,
се вели во соопштението од Костов.
Министерот за здравство Венко Филипче, во врска со незадоволството на хирурзите во Градската општа болница „8 Септември“, го повтори она што го кажа и директорот на болницата: дека е намален обемот на работа во сите јавни здравствени установи вклучувајќи ја и таа болница, заради тоа што голем дел од кадарот бил во систем на ротација се третираат пациенти со ковид-19.
Во интервју за Канал 5 Филипче рече дека разговарал со директорот на ГОБ „8 Септември“ и дека разговарале со лекарите кај кои има незадоволство заради начинот на работа.
„Дефинитивно има механизми сето тоа да се измени. Во текот на денешниот ден ги очекувам на состанок за да ги решиме сите проблеми. Верувам дека сето тоа ќе се реши и нзадоволството ќе спласне“,
додаде Филипче.