Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи, со која, како што велат, поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници.
Се работи за нејзината објава на Твитер: „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“, која според Хелсиншкиот комитет имплицира дека причината за ширењето на вирусот се меѓуетничките односи, а не општо распространетото непочитување на мерките.
„Имајќи предвид дека во нашата држава доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание“,
се вели во соопштението.
Од Организацијата укажуваат дека иако праксата покажува дека обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, сепак сметаа дека е неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности кои влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразатa.
Избришани Твитер и Фејсбук профилите на академик Ќулавкова
Хелсиншкиот комитет воедно укажува дека кризната состојба со коронавирусот деновиве интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи, а за ваквата состојба сметаат дека придонесоа многу фактори: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето на говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.