Промената доаѓа откако стана јасно дека првичниот предлог – Илир Мехмеди, не ги исполнува условите за функцијата за која го предлага Владата затоа што нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање, ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор
Новиот предлог – Хекуран Асани, е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнува барањата наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ
Владата на истата седница на која првично го утврди Илир Мехмеди за предлог за член на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација во М-НАВ, во меѓувреме, го преиначила заклучокот и го утврдила Хекуран Асани за кандидат за таа позиција.

Промената доаѓа откако стана јасно дека Мехмеди не ги исполнува условите за функцијата за која го предлага Владата затоа што нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање, ниту, пак, има најмалку шестгодишно работно искуство како контролор.
Новиот предлог – Хекуран Асани, е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнува барањата наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ:
„Еден од членовите на Управниот одбор ја води, организира и е одговорен за давање на услуги во воздухопловната навигација и носи назив – извршен директор за воздухопловната навигација. Членот се избира од редовите на вработените и мора да има стручни знаења, способности и искуство во организирање и водење на дејноста на Друштвото, да поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање и најмалку шестгодишно работно искуство како надзорен контролор на летање“.
„360 степени“ веќе објави дека првиот владин предлог за нов директор на М-НАВ – Илир Мехмеди, во минатото имал дозвола, но за помошник-контролор на летање, што значи дека не ги исполнува условите од Статутот. Според нашите сознанија, министрите не биле свесни за ова кога на денешната седница го утврдиле како кандидат за директор.
„360 степени“ и лично го праша Мехмеди дали поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање. Тој беше неодреден во одговорот, со образложение дека ништо сè уште не е официјално.
Инаку, претходно Владата на денешната седница даде препорака до Надзорниот одбор на М-НАВ за разрешување на претседателот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација Фахрудин Хамиди, како и на членот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника Љубе Стаменковски.
По ова, од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) соопштија дека го ставаат во мирување штрајкот што го најавија за утре со затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо. Првиот човек на Синдикатот, Александар Тасевски, оцени дека ова е придвижување на работите. „Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор, ќе ја повлечеме одлуката за штрајк“, изјави Тасевски.