Во последните епизоди принцот Хари и Меган Маркл отворено ги нападнаа принцот Вилијам и кралот Чарлс затоа што го одбиле барањето да останат дел од службата на кралицата, што би им овозможило да заработат богатство додека ги извршуваат своите кралски должности
„Нетфликс“ денеска ги објави последните три епизоди од документарната серија од шест дела, „Хари и Меган“. Принцот и војвотката од Сасекс открија нови детали од нивната венчавка и заминувањето од Велика Британија, но упатија и голем број нови, сериозни обвинувања против кралското семејство.
Во последните епизоди принцот Хари и Меган Маркл отворено ги нападнаа принцот Вилијам и кралот Чарлс затоа што го одбиле барањето да останат дел од службата на кралицата, што би им овозможило да заработат богатство додека ги извршуваат своите кралски должности.
Хари: Вилијам викаше и врескаше по мене пред нашите татко и баба
Војводата од Сасекс го нападна својот постар брат. Тој тврди дека Вилијам наводно му викал пред нивните татко и баба на состанок во Сандрингам во јануари 2020 година, кога се обидел да постигне договор за напуштање на Обединетото Кралство (ОК). Тој ја обвини кралицата Елизабета дека не реагирала.
„Беше страшно да го слушам брат ми како вреска и ми вика, додека татко ми зборуваше работи кои едноставно не се вистинити. А баба ми само мирно седеше во аголот и гледаше. Дојдов со истиот предлог што веќе го дадовме јавно, но кога стигнав, сфатив дека воопшто не можеше да има дискусија“,
тврди тој.
Тој исто така рече дека Меган, која во тоа време била во Канада, „пукнала во плач“ кога и кажал се за расправијата преку телефон. Парот тогаш изјави дека некои членови на семејството им забраниле приватно да разговараат со кралицата за преселба во Канада, а потоа во Америка.
Тој негираше дека Меган го наговарала да си замине
Хари тогаш тврдеше дека Вилијам ја избрал иднината на кралското семејство наместо иднината на својот брат.
„Најтажниот дел од тоа беше јазот меѓу мене и брат ми. Тој застана на страната на институцијата. Дел од тоа можам да разберам бидејќи тоа е негово наследство“,
вели Хари во новата епизода.
Тој, исто така, негираше дека Меган одлучила да заминат и да се преселат во ЛА.
„Всушност, тоа беше моја одлука. Таа никогаш не го бараше тоа од мене, тие што го велат тоа се мизогини. Јас сум тој што сакаше да замине“,
нагласи тој.
Ги обвини Вилијам, Чарлс и Кејт дека и се љубоморни на Меган
Сепак, она што привлече најголемо внимание во јавноста и медиумите се тврдењата дека принцот Вилијам, кралот Чарлс и принцезата Кејт Мидлтон „всушност биле љубоморни на нивната популарност и го мразеле фактот што го крадат вниманието“.
Меган и Хари веруваат дека биле подобри во извршувањето на кралските должности од другите и дека тоа му пречело на семејството, кое наводно не сакало Меган да биде третирана како ѕвезда. Хари повторно направи споредби меѓу Меган и нивната покојна мајка, тврдејќи дека принцезата Дајана била „приморана да замине од истата причина, бидејќи го надминала остатокот од семејството“.
Меган: Не ме сакаа поради бојата на мојата кожа
Хари и Меган се осврнаа и на нивната прва турнеја низ Австралија во октомври 2018 година, каде беше откриена веста дека тие ќе станат родители, а која наводно поминала толку добро што палатата била неверојатно загрозена од тоа.
Меган во една од последните сезони тврди дека кралското семејство не ја заштитувало кога имала психички проблеми, а нејзината мајка Дорија Рагланд се присетила на моментот кога нејзината ќерка и кажала дека има депресивни мисли.
Тие тврдат и дека против нив постои заговор меѓу Бакингемската палата и британските медиуми за да ги прикажат како главни негативци. Меган исто така сугерираше дека членовите на кралското семејство се револтирани од неа и не ја сакаат „бидејќи е со мешана кожа“.
Британските медиуми пишуваат дека кралските функционери и обожавателите на семејството со интерес ќе ја следат серијата, но не се очекува кралот Чарлс и принцот Вилијам да коментираат лично, освен ако не одлучат да ги демантираат наводите на Хари.