Голем дел од серијата е за преживување на трауматичното детство на Хари. Постојано објаснува како бил експлоатиран од папараците и како растењето под будното око на медиумите и денес го прогонува. Сето тоа го прави нивниот подем во врвната ријалити телевизија уште почуден. О, да, Сасекси станаа чистокрвни Кардашијанки, истакнува Мекејн
Гледав три часа од серијата на Хари и Меган на „Нетфликс“, па не морате и вие. И мојот предлог е – не гледајте ја. Тоа е политичка егзекуција во американски стил. Во документарна смисла, тоа е ѓубре – еднострано, злобно и манипулативно. Што се однесува до пропагандата, фантастично, пишува Меган Мекејн за „Дејли мејл“, ќерка на починатиот американски сенатор и републикански претседателски кандидат, Џон Мекејн.
Серијата изгледа како дело на активист во политичка кампања, валкан измамник најмен да го оцрни својот политички ривал. Пораката на серијата е јасна, како што сме слушнале многупати досега, Британците се расисти, а Хари и Меган се нивни жртви, додава Мекејн.
Бегството на војводата и војвотката од Сасекс во САД беше претставено како своевидна последица на „брегзит“ – повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија. Британскиот академик и историчар Дејвид Олусога, кој вели дека британската традиција е „полна со расистички епизоди“, тврди дека земјата всушност била токсична за двајцата.
„Сакав да функционира, толку многу луѓе сакаа да функционира. Но, бајката мораше да се случи во нација која води прилично токсична дебата за Европската Унија. Ако ги погледнете социјалните мрежи во тоа време, имиграцијата е во апсолутен центар на тие дебати, а имиграцијата е многу често код за расизам во оваа земја“,
рече Олусога.
Сигурна сум дека обожавателите на „брегзит“ ќе објаснат дека повеќе ги интересира националниот суверенитет отколку бесрамната дискриминација, но добро, продолжува Мекејн за „Дејли мејл“.
Меган повторува дека немала поим во што се впуштала кога почнала да излегува со Хари
Нивната логика не е лесно да се следи, но нивната поента е јасна. Хари и Меган никогаш немаа шанса.
Не се споменува ентузијастичката толпа што ги поздравува младенците или принцот Чарлс кој ја придружува Меган на половина пат до олтарот. Тоа не одговара на нивната приказна. Искривувањето на реалноста е константа.
Меган постојано тврдеше дека не знаела во што се впушта кога почнала да излегува со Хари. Таа беше само невина срна на ливадата, оставена на милост и немилост на монархијата. Од друга страна, Меган е паметна и моќна жена. Нејзината наводна наивност е сосема неверојатна.
Голем дел од серијата е за преживување на трауматичното детство на Хари. Постојано објаснува како бил експлоатиран од папараците и како растењето под будното око на медиумите и денес го прогонува. Сето тоа го прави нивниот подем во врвната ријалити телевизија уште почуден. О, да, Сасекси станаа чистокрвни Кардашијанки, истакнува Мекејн.
Тие од самиот почеток го документираа нивниот заеднички живот. Има фотографии од нив и принцезата Евгенија, помладата ќерка на вујкото на Хари, Ендрју, дотерана за забава по повод Ноќта на вештерките непосредно пред нивната врска да излезе во јавноста. Има интимни фотографии од нивното патување во Боцвана, кога веќе биле во врска.
Има видеа од нив сами на плажата во Биг Сур, Калифорнија. Има и снимки од нивните деца, вклучувајќи го и Арчи како гледа фотографија на принцезата Дијана на ѕидот, а Меган го прашува која е. Има видеа од внатрешноста на нивниот автомобил, хотелски соби и Меган како се шминка.
Ова не се заљубени тинејџери туку остарени родители на две деца
Контрастот не само што е бесрамно лицемерен туку и збунувачки. Тие сакаат да ги искористат славата, семејството и најличните моменти што ги имаат за заработка, истовремено бунтувајќи се против неискажливиот товар на камерите и рефлекторите. И сето тоа е крајно нарцисоидно.
Според нив, нивниот живот е најголемата љубовна приказна некогаш раскажана и ништо не се споредува со нивната врска. Имајте предвид, ова не се заљубени тинејџери – тие се остарени родители на две деца. Сè е прикажано низ призмата на тоа како тие сакаат светот да ги гледа нив и нивните животи, а не како навистина е.
Голем дел од акцентот е ставен на времето на Хари во Африка и приказната за тоа како тој бил „израснат“ таму. Актерската кариера на Меган е претставена како да е актерка/филантроп како Анџелина Џоли, голема ѕвезда на најголемото телевизиско шоу во Америка, а во исто време и олицетворение на Мајка Тереза. Очигледно, има многу малку докази за поддршка на овие тврдења.
Има многу коментари кои го осудуваат модерното Обединето Кралство како „Британска империја 2.0“, како да не е постигнат напредок од укинувањето на трговијата со робови. Нема рационална историска перспектива. Не, монархијата е исто толку лоша како и пред 250 години. Сè е толку пристрасно, неправедно и деструктивно, но зошто?
„Па, верувајте му на некој што внимателно ја следел валканата политичка игра – вистинската цел на Хари и Меган е одмаздата. Се чини дека сето ова е поттикнато од гневот и љубомората на Хари и Меган кон кралското семејство, особено кон Вилијам и Кејт“,
тврди Мекејн.
Бесот на двајца привилегирани дечишта
Накратко, Хари и Меган едноставно не можеа да функционираат како членови на кралското семејство и сега го напаѓаат секој што можат. Тоа е бесот на двајца привилегирани дечишта. Вилијам и Кејт се достоинствени во својот кралски живот, а Хари и Меган не можат да поднесат да бидат парот „број 2“. Ако не можат да носат круни, тогаш никој нема да носи!
Можеби повеќе од што било друго, шоуто ги прикажува Вилијам и Кејт како спремни учесници во еден грд, расистички и архаичен систем и треба да се срамат од нивните сегашни улоги како лидери на кралското семејство и идниот крал и кралица на Англија.
Зошто се тоа Вил и Кејт, а не тие? Тие се толку кул, прогресивни, хипербудни. Тие треба да ја претставуваат иднината – не само на Обединетото Кралство – туку и на светот.
На крајот, Хари и Меган ги изразуваат своите заблуди за величественост, притоа нанесувајќи штета. Луѓето можеби ја омаловажуваат оваа серија и велат дека тоа е само глупаво шоу на „Нетфликс“ засновано на двајца поранешни членови на кралското семејство. Но, постои и потенцијал да ги оштети односите меѓу Америка и Обединетото Кралство.
Ниту еден од нив не може да ги надмине своите повредени чувства
Специјалниот однос на Америка со соседот од другата страна на Атлантикот е клучен столб на западната демократија. И оваа серија цели кон тоа. „Нетфликс“ треба да се срами од себе и од тоа што го произведува. Ако не знаете ништо за Обединетото Кралство, што би помислиле? Во очите на Хари и Меган, Обединетото Кралство е непоправлив пекол. Што ќе се случи ако Американците им веруваат?
За среќа, мислам дека тоа нема да се случи, изјави Мекејн за „Дејли мејл“, но нивната непромисленост е вознемирувачка и разбеснувачка. Хари служел во британската армија десет години. И двајцата тврдат дека се глобални активисти, но ниту еден не може да ги надмине своите повредени чувства.
Расизам, угнетување на жените и кршење на човековите права се случуваат насекаде низ светот. Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, иако несовршени земји, се издвојуваат како светилници на надеж. Се чини дека е невозможно Хари и Меган да не го препознаат ова. Но, се чини дека е така.
„Порано мислев дека критичарите на Хари и Меган претеруваат кога тврдеа дека војводата и војвотката се обидуваат да ја урнат британската монархија, но откако гледав 180 минути од она што може да се опише само како болна пропаганда, навистина верувам во тоа“,
заклучува Мекејн.