Речиси еден месец откако на него, како последица од зараза со хантавирус, почина првиот патник, крузерот „Хондиус“ утрово вплови на штанскиот остров Тенерифе. На бродот се качија медицински екипи и започна евакуацијата на патниците и екипажот. По прегледот, тие со автобуси беа пренесени до аеродромот. Нивните матични држави испратија авиони по нив

Еден од петмината француски патници евакуирани од крузерот „Хондиус“, кои во неделата со посебен лет беа префрлени во Франција, покажува симптоми на хантавирус, напиша на Икс премиерот Себастијан Лекорну, додека патниците од другите земји кои се истоварија од бродот на шпанскиот остров Тенерифе почнаа да пристигнуваат во своите матични држави.
„Тој покажуваше симптоми уште во авионот за репатријациј. Тие пет патници веднаш се ставени во строга изолација до донесување нова одлука. Тие добиваат медицинска помош и ќе бидат тестирани и подложени на здравствена процена“,
изјави Лекорну.
Лекорну информираше дека вечерва ќе издаде уредба за спроведување мерки за изолација прилагодени за овие блиски контакти.
Евакуација
Прво беа евакуирани четиринаесет шпански државјани кои пристигнаа во Мадрид, каде што ќе бидат во задолжителен карантин во воената болница во главниот град.
„Сите патници и понатаму се асимптоматски. Целата операција се одвива нормално. Први ќе се симнат шпанските државјани, а потоа останатите“,
изјави министерката за здравство на Шпанија, Моника Гарсија.
Таа најави дека заедно со патниците од Холандија, во нивниот авион ќе бидат превезени и патници од Германија, Белгија и Грција. Потоа ќе бидат евакуирани патниците од Турција, Франција, Обединетото Кралство и САД. Последниот лет за Австралија е предвиден за понеделник.
Триесет членови на екипажот ќе останат на бродот и ќе отпловат кон Холандија, каде што бродот ќе биде дезинфициран.
Самоизолација
Откако ќе пристигнат дома, патниците и екипажот од крузерот се соочуваат со самоизолација. Се очекува тоа да биде доста напорно, бидејќи андскиот сој на вирусот има период на инкубација до девет недели. Светската здравствена организација препорачува 42-дневен карантин за патниците од крузерот.
Нема да бидат само тие под будно набљудување поради симптоми. Здравствените власти и индустријата за крстарења исто така со нетрпение ќе следат дали ова е изолирана епидемија и дали ќе има пошироки последици.
