Еврокомесарот за буџет Јоханес Хан смета дека отворањето на границите за мигрантите и бегалците кон Европската Унија е маневар на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за свртување на вниманието од внатрешно-политичките проблеми.
Во интервју за виенскиот дневен весник „Стандард“, Хан како една од причините го наведува долготрајниот конфликт со Курдите, што, како што вели, Ердоган не го реши, но и последиците од неуспешниот државен удар од 2016 година, тешката економска ситуација и поразот на партијата на Ердоган на локалните избори во Истанбул и Анкара.
„На сето тоа следуваше и вообичаениот рефлекс – се бара противник надвор од земјата“,
смета европскиот комесар.
Во однос на финансиската помош што Турција ја добива од ЕУ за бегалците, Хан вели дека 3,2 милијарди евра, од вкупно договорените шест милијарди, веќе ѝ се исплатени на Турција, но потенцира дека парите од договорот не може едноставно и безусловно да бидат префрлени на турската буџетска жиро-сметка, туку мора да бидат проследени преку хуманитарни организации, врз основа на детален опис на потребите и под строга контрола.

Еврокомесарот е дециден и дека Турција мора за секоја натамошна поддршка да покаже подготвеност за соработка.
Денеска попладне Ердоган ќе има средби во Брисел со претседателите на Европскиот совет и на Комисијата, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, во 18 часот.
ЕУ во неколку наврати ја повикуваше Турција да го почитува договорот за мигрантите потпишан во 2016 година и да запре нов бран бегалци кои пристигнуваат непречено на надворешните граници на ЕУ преку Турција во последните неколку дена.
Брисел ја предупреди Анкара да не ги користи мигрантите како „инструмент на притисок за дополнителна поддршка“ и истакна дека ЕУ нема да дозволи да биде уценета.