Економскиот форум што се одржа во Виена донесе и политички пораки – шефот на ресорот проширување во Европската комисија, инаку Австриец, е уверен дека Северна Македонија ќе добие одлука за преговори пред летото и дека ќе ги отвори првите поглавја до крајот на годинава. Во краткото интервју што го направивме во Виена, го прашавме Јоханес Хан и кој ќе го направи се поизвесното раздвојување на Северна Македонија и Албанија – комисијата или земјите-членки, зашто Франција и Холандија тешко би се согласиле со отворање преговори со Тирана оваа година.
Комесарe Хан, во повеќе наврати како и денеска, рековте дека следната недела Европската комисија планира да препорача старт на пристапни преговори со Северна Македонија. Според Вас, до кое ниво земјите-членки на ЕУ ќе останат конзистентни на минатогодишните јунски одлуки, кога рекоа дека овој јуни ќе има датум за Северна Македонија?
Па, според информациите со кои располагам, всушност, сите земји-членки ги признаваат постигнувањата на Северна Македонија и на политичките лидери изминатава година. Минатата година го имавме договорот од Преспа, кој во тоа време беше договор меѓу две влади, а сега врз негова основа имаме промени на Устав. Грција го прифати ова, што значи дека договорот е спроведен и ова е јасен напредок споредено со минатата година. Поради тоа, јас сум многу уверен дека ќе добиеме „зелено светло“ за Северна Македонија што е можно побрзо.
Од сите земји-членки?
Потребна ни е едногласна одлука од сите земји-членки, инаку не можеме да ја донесеме таа одлука.
Се чини дека за дел од резервираните држави, како Франција и Холандија, ќе биде полесно да се даде „зелено светло“ само за Северна Македонија, а не и за Албанија. Се зборува за „раздвојување“ на овие две земји. Дали Европската комисија планира да направи некаква разлика во извештајот и да го потенцира напредокот во Северна Македонија или оваа „тешка задача“ ќе им биде препуштена на земјите-членки?
Тоа не е „тешка задача“. Ние ја завршивме својата работа. Ја направивме својата проценка. Се согласивме за некои услови кои мора да бидат исполнети или направени од двете земји, различни за секоја земја. Условите беа договорени и со земјите-членки и со партнерските земји, одлука која е донесена едногласно. Значи, тоа не е нешто што само Комисијата го преговарала. Не, сите земји-членки се согласија за тоа, ние направивме проценка и можеме да дадеме, така да кажам, сериозна позитивна препорака многу веројатно и за двете земји. Се разбира, се уште работиме на конечниот „јазик“, но потоа останува на земјите-членки да ги донесат своите одлуки, своите проценки и се разбира нашата цел е да се задржат двете држави заедно.
Да се навратиме назад на реформите во Северна Македонија. Се уште нема политички договор меѓу власта и опозицијата за иднината Специјалното обвинителство. Во која мера, датумот за старт за преговори зависи од носењето на овој закон? Постојано слушаме од опозицијата дека овој јуни нема да има датум поради, како што велат, лошите реформски резултатите на актуелната влада.
Само што бев уверен од премиерот дека тој и понатаму води дебата, преговори со опозицијата за законот за СЈО. Повторно, сигурен сум дека можат да дојдат до договор, до решение. На крајот на краиштата, во интерес е на земјата и двете големи политички партии се многу посветени на европската перспектива. Моето разбирање е дека се целосно свесни за нивната одговорност и затоа сум сигурен дека ќе најдат решение.
Каква е вашата проценка, дали Северна Македонија има доволно капацитет и административно и експертски, за да спроведе соодветни преговори со ЕУ?
Последниве неколку месеци веќе имавме подготвителни работи на начин што би одредиле каде е земјата денес и кои се разликите споредено со европско ниво и така натаму. Но, повратните информации што ги добив од нашите експерти се дека има компетенција на терен, дека има експертиза. Така што и за ова прашање сигурен сум дека е остварливо. Се разбира, секогаш мора да се гарантира дека нивото на експертиза на јавните службеници ќе остане на ниво за време на целиот процес. Луѓето во јавната администрација кои се упатени во европските односи, кои имаат јазични способности, секогаш се цел на приватниот сектор, кој најчесто може да понуди поатрактивни плати. Но, повторно, мислам дека ова е прашање што може да се менаџира. Има многу посветеност и ентузијазам во јавната администрација. Мислам дека сите со нетрпение очекуваат да почнат преговорите.