Принудени сме и со задоволство го правиме тоа, согласно сите стандарди со Јуроконтрол и согласно колективен договор, потпишан со сите три синдикални организации во М-НАВ, минималната сума од прилив што ги добиваме поради прелетите и терминалните услуги во М-НАВ да ги даваме минимум 68 отсто од целата таа пита за плати, вели директорот на М-НАВ
За плати на вработените во М-НАВ не се користат пари од буџетот. М-НАВ се финансира од средства што ги добива од Јуроконтрол, а платите се оформени според комплексноста на дејноста, како и за да се спречи одлив на мозоци, истакна на денешната средба со новинарите директорот Фахрудин Хамиди осврнувајќи се на аферата „Паразити“ што ја објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а се однесува на платите на вработените во акционерското друштво.
„Контролорската работа е многу деликатна. За да се создаде еден кадар како контролор на летање потребни се повеќе од три до пет години и потрошени се за еден контролор на летање севкупно 100 до 150 илјади евра и тој кадар е секогаш на мета, за жал и во државата се случуваат такви работи и во другите професии, за одлив на кадар. Затоа сме принудени и со задоволство тоа го правиме согласно сите стандарди со Јуроконтрол и согласно колективен договор, потпишан со сите три синдикални организации во М-НАВ, минималната сума од прилив што ги добиваме поради прелетите и терминалните услуги во М-НАВ да ги даваме минимум 68 отсто од целата таа пита за плати“,
наведе Хамиди.
Тој истакна дека за време на корона-кризата ова АД било во тешка финансиска состојба поради екстремно намалениот број летови. Тогаш се обратиле до Владата, но не добиле никаква помош. Од таа причина донеле одлука платите на вработените да бидат намалени за 30 проценти, се додека не се врати ситуацијата под контрола. Хамиди, зборувајќи за сумата на неговата плата, што беше објавена во аферата „паразит“ рече дека во таа плата има плус 30 проценти додаток бидејќи ги враќаат сумите што биле одземени за време на кризата.
Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски во јануари годинава во М-НАВ изјави дека ќе бидат дадени 11 милиони евра за нов навигациски систем во акционерското друштво, но денеска, директорот Хамиди рече дека не станува збор за државни пари, туку дека земале кредит од ЕБОР за таа инвестиција.
„Од целата историја на постоење на М-НАВ и пред тоа со Агенцијата за цивилно воздухопловство кога бевме заедно, сите капитални инвестиции се сервисирани од страна на овие финансиски делови коишто ги добиваме. Три кредити сме ги сервисирале преку ЕБОР, сега е четвртиот на ред и укажуваме дека ниту еден денар не сме добиле од Владата поради фактот дека Владата креирала, створила таков ентитет каков што е М-НАВ самофинансирачки да ги оперира, да ги сервисира сите свои обврски што ги има. Тоа е истата работа и во регионот, значи не е само за кај нас во Македонија, туку и Србија, Црна Гора, БиХ и во Европа“,
потенцираше Хамиди.
Хамиди се надева оти од наредната година ќе работат со новиот систем за навигација.
„Ќе работиме со нов систем, верувам од наредната година кога тоа ќе биде решено. Тоа значи дека ќе ги зголемиме капацитетите за 25 до 30 отсто со новиот систем. Тоа значи дека ќе биде побезбеден, не дека сегашниот не е безбеден да не се разбереме погрешно, туку ќе биде уште побезбеден, ќе имаме уште дополнителни алатки за да си го зголемиме капацитетот на работење – наместо 36 авиони на час коишто ги водиме од еден сектор, а често пати преку лето имаме и три сектори, што значи над 90 авиони на час, ние со новиот систем ќе добиеме капацитет каде што ќе работиме со повеќе од 45 авиони на час“,
наведе Хамиди.
Директорот посочи дека авионскиот сообраќај, во споредба со 2019 година, пред корона-кризата, е зголемен за 4,5 отсто.
Тој, осврнувајќи се на шпекулациите за конкурсот за контролори за летање, нагласи дека одлично се завршила целата постапка и повторно ги демантираше сите шпекулации за „партиски врски“ при селекцијата.
„Прекрасно ја завршивме целата постапка во рок и вчера ги потпишавме договорите за вработување на најдобрите осум рангирани студенти. Добивме одговор од данската компанија која што беше избрана преку меѓународен тендер дека ќе почнат со школувањето при крај на овој месец. Верувам дека ќе добиеме прекрасен кадар како и другиот кадар што го имаме во М-НАВ и дека ќе имаме успешна приказна и во наредните години со нов систем, со нови кадри, со нови капацитети и безбедното небо над Македонија секогаш ќе биде наша парадигма“,
порача Хамиди.
Тој додаде дека со оглед на проблемот со „одлив на мозоци“, одлучиле сите нови вработени да потпишат договор со кој се обврзуваат дека 10 години ќе работат во М-НАВ.