Делегација на палестинското исламистичко движење во саботата се сретна со египетските посредници во Каиро за да разговараат за спроведувањето на втората фаза од договорот
Хамас денеска соопшти дека има „позитивни знаци“ во врска со можното продолжување на примирјето со Израел во Појасот Газа, во разговорите со посредниците во Каиро за втората фаза од прекинот на огнот.
„Сигналите се позитивни за почеток на преговорите за втората фаза од прекинот на огнот“,
се вели во соопштението на портпаролот на Хамас, Абдел Латиф Ал Кануа, додека „продолжуваат напорите на египетските и катарските посредници“.
Прекинот на огнот стапи на сила на 19 јануари, а неговата прва фаза истече на 1 март.
Делегација на палестинското исламистичко движење во саботата се сретна со египетските посредници во Каиро за да разговараат за спроведувањето на втората фаза од договорот.
Портпаролот нагласи дека Хамас е подготвен да ја започне втората фаза (од прекинот на огнот) на начин што ќе ги исполни барањата на палестинскиот народ.
По завршувањето на првата фаза, Хамас и Израел не се согласуваат како треба да продолжи процесот.
Израел сака првата фаза да биде продолжена до средината на април и бара целосна демилитаризација на територијата, заминување на Хамас од Појасот Газа и враќање на последните заложници пред да премине во втората фаза.
Хамас бара спроведување на втората фаза од договорот, што треба да резултира со траен прекин на огнот и инсистира да остане во Газа, со која владее од 2007 година.
Од 251 лице киднапирано во нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, 58 сè уште се задржани во Газа, вклучително и 34 кои израелската војска ги прогласи за мртви.