Во предлогот на сунитската исламистичка група е вклучена и размена на израелски заложници киднапирани на 7 октомври за Палестинците во израелските затвори. Се споменува и реконструкција на Газа која треба веднаш да започне, целосно повлекување на израелските сили и размена на тела и останки
Хамас ја поднесе својата понуда за четири и полмесечен прекин на огнот во Газа за да се стави крај на војната, како одговор на предлогот направен минатата недела од катарските и египетските посредници поддржани од САД и Израел. Според нацрт документот што го видел Ројтерс, контрапонудата на Хамас предвидува три фази, од кои секоја би траела 45 дена.
Во предлогот на сунитската исламистичка група е вклучена и размена на израелски заложници киднапирани на 7 октомври за Палестинците во израелските затвори. Се споменува и реконструкција на Газа која треба веднаш да започне, целосно повлекување на израелските сили и размена на тела и останки.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа пристигна во Израел по средбата со катарските и египетските посредници во преговорите меѓу Израел и Хамас во најсериозниот дипломатски обид за воспоставување на продолжено примирје. Деталите за контрапонудата на Хамас не беа претходно откриени.
Според контрапредлогот на Хамас, сите израелски заложнички, млади мажи помлади од 19 години, постари и болни ќе бидат разменети во првите 45 дена за палестински жени и малолетници во израелските затвори. Останатите машки заложници ќе бидат ослободени во втората фаза, а останките на убиените заложници ќе бидат разменети во третата фаза. До крајот на третата фаза, Хамас очекува двете страни да постигнат договор за завршување на војната.
Милитантната група која владее со Газа во прилог на предлогот наведува дека сака ослободување на 1 500 затвореници, од кои една третина ќе бидат избрани од списокот на Палестинци осудени на доживотен затвор.
Прекинот на огнот треба да овозможи и зголемување на испораката на храна и друга помош за Газа.
Израел започна воена офанзива во Газа откако Хамас масакрираше израелски цивили на 7 октомври, од кои околу 1 200, и киднапираше 253 лица, жени, деца, бебиња, мажи и постари лица. Според Хамас, во израелската офанзива загинале 27 585 луѓе. Хамас не прецизира кој број се однесува на неговите борци и членови на други исламистички фракции, а кој на цивили.