Вооруженото крило на палестинското милитантно движење Хамас денеска објави дека го одложува спроведувањето на вториот круг ослободување заложници додека Израел не дозволи камиони со хуманитарна помош да влезат во северниот дел на Појасот Газа, пренесе ХРТ.ХР

Фото: EPA-EFE/ALAA BADARNEH
Бригадите „Ал Касам“ на Хамас додадоа дека ослободувањето ќе биде одложено доколку Израел не ги исполни договорените услови за ослободување на палестинските затвореници.
Извор од Хамас претходно за агенцијата АФП изјави дека вооруженото крило на Хамас почнало да ја предава втората група киднапирани од Израел на Црвениот крст. Трансферот се одвива во Хан Јунис на југот на Појасот Газа и „ги има 14“, вели изворот.
Инаку, вчера американскиот претседател Џо Бајден во обраќање по повод ослободувањето на дел од заложниците што ги држи Хамас, како дел од договорот со Израел за четиридневен прекин на огнот, рече дека станува збор за почеток на процесот кој досега се одвива добро. Бајден повтори дека решението со две држави за израелскиот и палестинскиот народ е попотребно од кога било.