Размената во петокот и вчера помина без поголеми проблеми, но во саботата таа беше одложена на неколку часа поради наводи дека условите од договорот биле прекршени. Катарските посредници, кои учествуваа во преговорите за постигнување на договорот за привремен прекин на огнот, повторно работат на решавање на разликите меѓу двете завојувани страни, пишува Ројтерс, пренесува Би-би-си
Списокот на заложници кои денеска треба да бидат ослободени од Газа се дискутира и проценува од страна на Израел откако бил примен ноќеска, соопштил кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Новинската агенција Ројтерс, пак, објави дека и Хамас и Израел изразиле загриженост за списоците на заложници и затвореници кои треба да бидат ослободени денеска.
Инаку, според извештаите кои претходно ги пренесоа светските медиуми, денеска треба да бидат ослободени 11 заложници, по 52 дена поминати во заробеништво на Хамас.
Воедно, денеска е последниот ден од четиридневното примирје што го договорија Израел и милитантите на Хамас, за размена на заложници и затвореници, како и за доставување хуманитарна помош за палестинското население во Појасот Газа.
Според условите на четиридневно примирје, Хамас треба да ослободи вкупно 50 заложници, од кои 40 веќе ја напуштиле Газа откако во петокот започна привремениот прекин на огнот, а во замена за 150 Палестинци од израелските затвори.
Досега, според агенциските извештаи, се ослободени повеќе од 100 палестински затвореници.
Размената во петокот и вчера помина без поголеми проблеми, но во саботата таа беше одложена на неколку часа поради наводи дека условите од договорот биле прекршени.
Катарските посредници, кои учествуваа во преговорите за постигнување на договорот за привремен прекин на огнот, повторно работат на решавање на разликите меѓу двете завојувани страни, пишува Ројтерс, пренесува Би-би-си.
Инаку, утрово „Гардијан“, повикувајќи се на новинската агенција „Франс прес“, пренесе дека вниманието сега е свртено кон тоа дали примирјето ќе биде продолжено пред неговото планирано завршување утре рано наутро.
Во соопштение објавено синоќа, Хамас навел дека сака да го продолжи примирјето по завршувањето на четиридневниот период, преку сериозни напори да го зголеми бројот на ослободени од затвор како што е предвидено во договорот за хуманитарен прекин на огнот.
Од друга страна, воениот кабинет на Израел вчера разговарал за можноста за продолжување на привременото примирје со Хамас, изјави израелски извор за Си-ен-ен.
Изворот вели дека условите за продолжување остануваат непроменети од првичниот договор, што значи дека Хамас треба да ослободи дополнителни десет заложници за секој дополнителен ден пауза во борбите.
Овој став на Израел премиерот Бенјамин Нетанјаху во неделата му го пренел на американскиот претседател Џо Бајден велејќи дека можноста за продолжување на примирјето со Хамас би била добредојдена во замена за продолжување на ослободувањето на 10 заложници дневно од Газа.
„Вечерва вративме уште една група заложници – жени и деца и трогнати сме кога го гледаме ова семејно обединување. Тоа само ја допира душата. Постои и нацрт кој вели дека е можно да се ослободуваат дополнителни десет заложници секој ден. Тоа би било добредојдено“,
рекол вчера Нетанјаху.
Ако заврши примирјето, Нетанјаху посочил дека Израел ќе тргне со полна сила за да ги постигне целите: да го елиминира Хамас, да се погрижи Газа никогаш да не се врати на она што беше и – се разбира – да ги ослободи сите нивни заложници.
Американскиот претседател Џо Бајден го повторил ставот на Вашингтон дека тие се залагаат за продолжување на паузата во борбите.
„Тоа е мојата цел, тоа е нашата цел, да ја задржиме оваа пауза за да можеме да продолжиме да гледаме како излегуваат повеќе заложници и се дава повеќе хуманитарна помош за оние на кои им е потребна во Газа“,
рекол Бајден.
Израел и Хамас постигнаа договор минатата недела за четиридневна пауза во борбите и ослободување на најмалку 50 жени и деца држени како заложници во Газа.
Договорот вклучуваше ослободување на заложниците кои беа заробени од Хамас во замена за голем број палестински жени и деца во израелските затвори. Во меѓувреме, примирјето дозволи влез на поголем број хуманитарни конвои и хуманитарна помош. Првото ослободување на заложниците и затворениците се случи во петокот, а другите беа во саботата и неделата.
