Блинкен денеска беше во посета на Саудиска Арабија, како дел од дипломатските напори за обновување на преговорите за примирје во Газа и ослободување на заложниците, како и во насока на напорите за спречување на поширок регионален конфликт. Тој ќе ја продолжи турнејата со посети на Јордан и Израел
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го повика Хамас брзо да го прифати израелскиот предлог за примирје и ослободување на израелските заложници кои ги држи палестинската милитантна група.
Претставниците на Хамас се очекува да се сретнат денеска во Каиро со посредници од Катар и Египет за да одговорат на предлогот на Израел за прекин на огнот.
„Хамас пред себе има исклучително дарежлив предлог од Израел. Единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекин на огнот е Хамас и тие мора да донесат одлука, и тоа брзо“,
рече Блинкен на самитот на Светскиот економски форум во саудискиот главен град Ријад.
Блинкен денеска беше во посета на Саудиска Арабија, како дел од дипломатските напори за обновување на преговорите за примирје во Газа и ослободување на заложниците, како и во насока на напорите за спречување на поширок регионален конфликт. Тој ќе ја продолжи турнејата со посети на Јордан и Израел.
Во меѓувреме, висок претставник на Хамас за агенцијата Франс прес рекол дека нема големи прашања откако од нивна страна бил разгледан последниот предлог на Израел за примирје, пренесе „Гардијан“.
„Атмосферата е позитивна доколку не се појават нови израелски пречки“,
рекол претставникот на Хамас.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера повторно разговарал со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, и го повторил јасниот став на Вашингтон во врска со најавената копнена инвазија на Израел на градот Рафах во Газа во близина на границата со Египет.
Претходно координаторот за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека Израел се согласил да ја земе предвид американската позиција и загриженост и да размисли пред да започне со копнена инвазија на овој град во Појасот Газа.
Проценките на Израел се дека Хамас сè уште држи 129 заложници во Газа кои ги киднапира на 7 октомври минатата година при нападот во Израел.