Во меѓувреме висок претставник на Хамас за агенцијата Франс прес рекол дека нема големи прашања откако од нивна страна бил разгледан последниот предлог на Израел за примирје. Денеска во главниот град на Египет, Каиро, треба да пристигне делегација на радикалната исламистичка група за да го достави својот одговор на предлогот за прекин на огнот
Американскиот претседател Џо Бајден вчера повторно разговарал со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, и го повторил јасниот став на Вашингтон во врска со најавената копнена инвазија на Израел на градот Рафах во Газа во близина на границата со Египет, пренесуваат светските медиуми.
Детали од разговорот не се откриваат во соопштението на Белата куќа. Ставот на Вашингтон во врска со ова прашање е дека не може да ја поддржи операцијата врз Рафах без соодветен хуманитарен план.
Претходно координаторот за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека Израел се согласил да ја земе предвид американската позиција и загриженост и да размисли пред да започне со копнена инвазија на овој град во Појасот Газа.
Инаку, Бајден и Нетанјаху претходно телефонски разговараа на 13 април откако Иран изврши напад со ракети и беспилотни летала врз Израел, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
„Претседателот (Бајден) ја потврди својата цврста посветеност на безбедноста на Израел“,
се наведува во соопштението на Белата куќа за вчерашниот разговор.
Американскиот претседател и израелскиот премиер разговарале и за преговорите за ослободување на заложниците што Хамас од 7 октомври лани ги држи во Газа, заедно со договор за прекин на огнот во Газа.
Бајден, како што пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на соопштението на Белата куќа, на Нетанјаху му нагласил дека испораката на хуманитарна помош во Газа треба да се засили.
„Претседателот ја истакна потребата од продолжување и подобрување на актуелното темпо во целосна соработка со хуманитарните организации“,
се наведува во соопштението.
Инаку, разговорот на Бајден со израелскиот премиер доаѓа во пресрет на денешната посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Саудиска Арабија, како дел од дипломатските напори за обновување на преговорите за примирје во Газа и ослободување на заложниците, како и во насока на напорите за спречување на поширок регионален конфликт.
Блинкен ќе ја продолжи турнејата со посети на Јордан и Израел.
Во меѓувреме висок претставник на Хамас за агенцијата Франс прес рекол дека нема големи прашања откако од нивна страна бил разгледан последниот предлог на Израел за примирје, пренесува „Гардијан“.
„Атмосферата е позитивна доколку не се појават нови израелски пречки“,
рекол претставникот на Хамас.
Инаку, денеска во главниот град на Египет, Каиро, треба да пристигне делегација на радикалната исламистичка група за да го достави својот одговор на предлогот за прекин на огнот.
Според францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне, разговорите за прекин на огнот во Газа напредуваат.
„Работите се движат напред, но секогаш треба да бидете внимателни во овие дискусии и преговори. Ситуацијата во Газа е катастрофална и ни треба прекин на огнот“,
изјавил шефот на француската дипломатија за Ројтерс.
Во меѓувреме Израел ноќеска извршил нови воздушни напади и гранатирања врз градот Рафах, во кој, според извештаите на повеќе локални медиуми, биле убиени најмалку 20 Палестинци, меѓу кои и пет деца.
Од друга страна, во Израел граѓани на земјата преку протести го засилуваат притисокот врз владата на Нетанјаху за постигнување договор за ослободување на заложниците што ги држи Хамас.
Проценките на Израел се дека Хамас сè уште држи 129 заложници во Газа кои ги киднапира на 7 октомври минатата година при нападот во Израел.