Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во скопското Вишо јавно обвинителство откако против него беше отворена истрага за сторено продолжено кривично дело малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Според него, кривичната пријава против него за делото од членот 353 била тенденциозно поднесена од државниот јавен обвинител
Во одговор на новинарски прашања во врска со кривичната пријава поднесена од Хајрулахи од Основното јавно обвинителство Штип известија дека во постапката што ја водат против него се постапува согласно закон и оти истрагата е во финална фаза
Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, за кого се води и кривична постапка, поднел кривична пријава против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Тој ова го потврдил за државната новинска агенција МИА, а освен против Коцевски со пријавата се опфатени и јавната обвинителка во Основното јавно обвинителство Штип, Татјана Кацарова, вишиот јавен обвинител во ВЈО Штип, Ристо Бојаџиски, како и членот на Советот на јавни обвинители Ермон Незири.
Пријавата, како што се наведува, се однесува на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, според членот 353 од Кривичниот законик.
Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во скопското Вишо јавно обвинителство, откако против него беше отворена истрага за сторено продолжено кривично дело малтретирање во вршење на службата од член 143, како и за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Советот на јавни обвинители, пак, ја отфрли неговата жалба со која бараше укинување на одлуката за негово оддалечување од функцијата, донесена од државниот јавен обвинител Коцевски.
Суспендираниот обвинител во изјава за МИА вели дека според него кривичната пријава против него била тенденциозно поднесена од страна на државниот јавен обвинител, бидејќи од февруари 2023 година има измена на максималната казна затвор за делото за кое се товари од членот 353 од Кривичниот законик.
Смета дека државниот јавен обвинител требало да ја земе во предвид помалата казна кога ја поднесувал кривична пријава, а ако го направел тоа немал право да отвора истрага за кривичното дело за кое го товари.
На прашање од медиумите, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија попладнево одговорија дека тој овој момент таква пријава не е примена, а доколку во меѓувреме стигне, ќе биде распределена кај надлежен јавен обвинител.
„Основното јавно обвинителство Штип ја известува јавноста дека во постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза. Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“,
велат од Јавното обвинителство.

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во ноември минатата година информираа дека е отворена истрага против јавен обвинител.
Тогаш потврдија дека наредбата за спроведување на истражната постапка ја донело Основното јавно обвинителство Штип, а јавниот обвинител против кого таа е насочена е осомничен за две кривични дела – малтретирање во вршење на службата според член 143 од Кривичниот законик и злоупотреба на службената положба и овластување од член 353. И во двата случаи, како што стои во соопштението, станува збор за продолжени кривични дела, што значи дека осомничениот јавен обвинител во извесен временски период делата ги вршел во континуитет.
Од републичкото Јавно обвинителство, согласно праксата, не го објавија името на обвинителот, но повеќе од извесно беше дека станува збор за шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи.
Според соопштението, истрагата е отворена по кривична пријава што вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје ја поднеле против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата.
Од државното Јавно обвинителство информираат и дека додека трае истражната постапка јавниот обвинител ќе биде оддалечен од извршување на функцијата.
Инаку, неодамна Владата го усвои предлогот со кој се бара разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и го испрати во Советот на јавните обвинители кое има рок од 15 дена да даде мислење по него, по што постапката продолжува во Собранието.