Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство ја одоброволи холандската влада која преку свои претставници прати порака дека позитивно гледа на можноста за одлука за почеток на преговори со Северна Македонија. Министерот за надворешни работи Стеф Блок, во својот настап пред членовите на Комитетот за европски прашања во холандскиот парламент, направи јасна дистинкција меѓу ситуацијата со Македонија и со Албанија.
„Холандија веќе кажа дека земјите сè уште, на свој начин, треба да се квалификуваат. За Северна Македонија и тука и на Советот за општи работи кажав дека има јасен напредок. Имавме само еден услов за почнување на преговорите – донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Минатиот викенд законот е донесен! Значи, за Северна Македонија важи, што се однесува до Холандија, дека во следниот извештај, кој треба да излезе на крајот на месецов, не би требало да има назадувања, но и во случај да е така, Македонија ги исполнува критериумите кои претходно ги споделивме со Парламентот. За Албанија веќе кажавме дека е потребен поголем напредок и исто така да видиме постигнувања во справувањето со корупција и подобрување на владеењето на правото. Сè уште немам извештај од Комисијата, веројатно на крајот на месецов, сè до тој момент и оттука на клучното прашање не можам да го одговорам“,
одговори министерот Блок на прашања на пратениците во парламентот.
Зборувајќи за Албанија, шефот на холандската дипломатија повтори дека Хаг се води според принципот стриктно и фер, и дека врз база на извештајот на Комисијата владата ќе оцени што ќе прави.
Блок ја пофали новата методологија за пристапување која, според него, е механизам што содржи повеќе гаранции за теми важни за Холандија како – владеење на правото, борба против корупцијата, можноста за повторно отворање на поглавјата во случај на назадување, можност за преземање мерки во случај на назадување.