Генералниот секретар на Обединетите нации, за време на неговата посета на Одеса, ја повика Русија да не ја исклучува централата во Запорожје од украинската енергетска мрежа
Сè уште траат обвинувањата меѓу Русија и Украина за гранатирањето на Запорожје, каде што се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа. Денеска украинскиот оператор на нуклеарните централи во Украина, „Енергоатом“, објави дека постои страв дека Русија ќе ја исклучи електраната од украинската мрежа.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за време на неговата посета на Одеса, ја повика Русија да не ја исклучува централата во Запорожје од украинската енергетска мрежа.
„Се разбира, струјата од Запорожје е украинска струја, тој принцип мора целосно да се почитува“,
рече генералниот секретар на ОН.
Вчера Гутереш предложи план за демилитаризација на областа околу централата во Запорожје, но руското Министерство за надворешни работи го отфрли и рече дека тој е неприфатлив.
Михаил Улјанов, рускиот постојан претставник во меѓународната организација во Виена, денеска рече дека делегација на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) би можела да ја посети нуклеарната централа Запорожје на почетокот на септември, но додаде дека е рано да се зборува за детали.
Нуклеарната централа Запорожје беше заземена од руските сили во март. Таа е лоцирана во близина на првите линии на фронтот и изминатите денови често беше под оган, што предизвика многумина да стравуваат дека може да се случи нуклеарна катастрофа.