Во пресрет на посетата очекувањата од состанокот се мали имајќи ги предвид неколку неуспешни дипломатски напори досега
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, во обид да издејствува прекин на војната во Украина. Во пресрет на посетата очекувањата од состанокот се мали имајќи ги предвид неколку неуспешни дипломатски напори досега.
Се очекува разговорите меѓу Путин и Гутереш да се фокусираат на опколениот град Мариупол каде што и покрај прогласувањето победа руските сили не успеаја да ја преземат челичарницата „Азовстал“.
Украина побара од Гутереш да гарантира хуманитарен коридор за евакуација на цивилите кои се засолнуваат во фабриката „Азовстал“.
Шефот на ОН, исто така, се очекува в четврток да отпатува за Киев каде што ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски.
Соединетите Држави, исто така, денеска треба да започнат разговори за одбраната поврзани со Украина со десетици земји, а американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе биде домаќин во Германија.
Овие разговори доаѓаат откако министерот за надворешни работи на Москва, Сергеј Лавров, предупреди дека ризикот од трета светска војна е сериозен и го критикуваше пристапот на Киев за оневозможување на мировните преговори.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, сепак, одговори дека Лавров се обидува да го исплаши светот од поддршката на земјата.
„Тоа значи само дека Москва го претчувствува поразот“,
вели Кулеба.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во вчерашното интервју изјави дека испораките на западно оружје за Украина значат дека НАТО е всушност вклучен во војната со Русија. Москва тоа оружје го смета за легитимни цели, појасни тој.
„НАТО е, всушност, ангажиран во војната со Русија преку посредник и го вооружува тој медијатор. Војна е војна“,
истакна меѓу другото рускиот министер.
Лавров предупреди да не се потценуваат ризиците од нуклеарен конфликт.
Руската инвазија на Украина, најголемиот напад на европска држава од 1945 година, остави илјадници мртви или повредени, претвори градови во урнатини, принуди над пет милиони лица да побегнат во странство.