Кампањата на демократската претседателска кандидатка Камала Харис во вторникот соопшти дека била цел на странски хакери, неколку дена откако кампањата на ривалот Доналд Трамп соопшти дека била хакирана од Иран
„Гугл“ потврди дека хакери поддржани од Иран ги нападнале кампањите на американските претседателски ривали Камала Харис и Доналд Трамп.
Хакерска група позната како AПT42, поврзана со Корпусот на гардата на исламската револуција на Иран, нападнала поединци и организации од висок профил во Израел и САД, вклучително и владини претставници и политички кампањи, се вели во извештајот за закани објавен во вторникот од „Гугл“.
Кампањата на демократската претседателска кандидатка Камала Харис во вторникот соопшти дека била цел на странски хакери, неколку дена откако кампањата на ривалот Доналд Трамп соопшти дека била хакирана од Иран.
Фишинг-метод
„Во јули ФБИ ги извести правните и безбедносните тимови на кампањата дека бевме цел на операција на странско влијание. Имаме силни мерки за сајбер безбедност и не сме свесни за каков било упад како резултат на тие напори“,
изјави за АФП претставник на кампањата на Харис.
Единицата за анализа на закани на „Гугл“ продолжува да забележува неуспешни обиди на AПT42 да ги компромитира личните сметки на поединци поврзани со претседателот Џо Бајден, потпретседателката Харис и Трамп, според извештајот.
Хакерската група работи така што собира информации за целите и ги приспособува обидите за „фишинг“ за да ги наведе жртвите да откријат податоци за најавување на сметки како „Џимејл“.
Ја пробиле личната сметка на „Џимејл“ на влијателен политички консултант
Примерите наведени во извештајот вклучуваат имитирање на тинк-тенк или друг веродостоен контакт за да се намамат жртвите на одредени страници за лажни видео состаноци, каде што се потребни акредитиви за најава за учество. „Гугл“ соопшти дека ги спречил обидите на AПT42 да ги хакира кампањите на Бајден и Трамп во 2020 година.
Во мај и јуни оваа година целите на иранската хакерска група беа личните сметки на е-пошта на десетина луѓе поврзани со Бајден или Трамп, а „Гугл“ блокираше многубројни обиди на AПT42 да се најави на нивните сметки, се вели во извештајот.
„Гугл“, исто така, објави дека групата хакирала лична сметка на „Џимејл“ на влијателен политички советник.
„AПT42 е софистициран, упорен актер за закана и тие не покажуваат знаци на забавување во нивните обиди да таргетираат корисници и да применат нови тактики. Овие пролет и лето, тие ја демонстрираа способноста да започнат многубројни истовремени кампањи за фишинг, конкретно насочени кон Израел и САД. ‘Гугл’ ги повика лицата со висок ризик поврзани со претстојните избори да останат будни и да ги искористат предностите на зајакнатата одбрана што ја нуди интернет компанијата“,
посочуваат од „Гугл“.
Мешање во изборите
Американскиот Стејт департмент во понеделникот го предупреди Иран за последиците од мешањето во изборите откако кампањата на Трамп објави дека е хакирана. Кампањата на Трамп сугерираше дека Иран стои зад нападот, што резултираше со објавување на приватни документи за новинарите, вклучително и истражување за кампањата што се користеше за проверка на потпретседателскиот кандидат Џ.Д. Венс.
Од кампањата ги предупредија медиумите да не ги пренесуваат овие документи. Тонот беше различен од 2016 година, кога Трамп на прес-конференција рече дека се надева дека Русија ќе ги „најде“ мејловите на Хилари Клинтон. Американските разузнавачи заклучија дека Русија се вмешала во изборите во 2016 година за да го поддржи Трамп.