Во одлуката на црквата на Грузија е исклучен зборот „охридска“, а МПЦ-ОА ја именува како Православна црква на Северна Македонија. Поглаварот на МПЦ-ОА, пак, го именува како Блаженејшиот архиепископ Стефан. Според одлуката на Грузиската патријаршија, црквата ќе влезе во евхаристиско општење со, како што се вели, Православната црква на Северна Македонија, што значи дека двете цркви ќе може заедно да сослужуваат
Грузиската црква на вчерашната работна седница одлучила да стапи во канонско единство со Македонската православна црква – Орхидска архиепископија (МПЦ-ОА), но, сепак, одлучила и да не го прифаќа томосот за автокефалност на МПЦ-ОА издадеден од Српската православна црква (СПЦ), пишува „Религија.мк“.
Во одлуката на црквата на Грузија е исклучен зборот „охридска“, а МПЦ-ОА ја именува како Православна црква на Северна Македонија. Поглаварот на МПЦ-ОА, пак, го именува како Блаженејшиот архиепископ Стефан.
Според одлуката на Грузиската патријаршија, црквата ќе влезе во евхаристиско општење со, како што се вели, Православната црква на Северна Македонија, што значи дека двете цркви ќе може заедно да сослужуваат.
„Во текот на работата на Синодот се разговараше за прашањето за Православната црква на Македонија. Излагање имаше претседателот на Одделот за надворешни односи на Патријаршијата на Грузија, високопреосвештениот митрополитот на Зугдиди и Чаиси, Герасим. Тој пред членовите на Синодот го презентираше писмото што ни го напиша поглаварот на црквата на Србија, сесветиот патријарх Порфириј, во кое се наведува дека ‘расколот е исцелен и се врати евхаристиската заедница со неговата православна црква во Северна Македонија’, и дека патријархот на Србија ѝ го дал томосот за автокефалност на наведената црква“,
соопштија од Грузиската патријаршија, пренесе „Религија.мк“.
Одлука за признавање на афтокефалноста на МПЦ-ОА, но под името Православна црква на Северна Македонија неодамна донесе го и синодот на Црквата на Чешка и Словачка.
Порталот „Ортодокстајмс“, кој е специјализиран за прашања поврзани со православните цркви, објави дека во соопштението на синодот на Црквата на Чешка и Словачка, МПЦ-ОА никаде не се именува како Охридска архиепископија, име под кое беше примена во канонско единство со другите православни цркви од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј на 9 мај минатата година.
Минатата недела, како што објави порталот „Религија.мк“, Романската православна црква одлучи да го признае томосот на СПЦ за автокефалност на МПЦ-ОА, но воспостави друго име со кое ќе ѝ се обраќа на МПЦ-ОА, како и титула под која ќе го споменува архиепископот Стефан.
Автокефалноста на македонската црква, освен овие, ја признаа и српската, руската и бугарската црква, додека, пак, Црквата на Константинопол, на Антиохија, на Грција и на Полска стапија во евхаристиско општење со неа без да ја признаат автокефалноста.