Додека трае процедурата за ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, група универзитетски професори од Грција, Бугарија и Германија напишаа студија во која, меѓу другото, се занимаваат со дилемите дали евро-атланстките интеграции на Северна Македонија може да бидат доведени прашања од евентуална грчка влада предводена од сегашната опозиција. Освен наводи од оваа анализа, пренесуваме и интересни вести од Брисел и Вашингтон во врска со подготовките за потпишување на пристапниот протокол за НАТО, а потоа и со формализирањето на членството на Северна Македонија.
Чекор 1
Ратификација во грчкиот парламент
Договорот од Преспа веќе е во процедура на донесување во грчкиот парламент – прво во надлежните комисии, а в четврток или петок и на пленарна седница. Речиси извесно е дека премиерот Алексис Ципрас го има потребното, а и посакуваното мнозинство за негова ратификација. Потребното е мнозинство од присутните на седницата – на пример, ако во салата се 290 од вкупно 300 пратеници, договорот поминува и со 146 гласа „за“. Но, Ципрас посакува договорот да добие апсолутно мнозинство или најмалку 151 глас „за“. Калкулациите велат дека до денеска тој може да смета на 153 гласа во поддршка на Преспа, по последните поделби во Потами и во остатоците од Пасок.
Чекор 2
Потпишување на протоколот за пристапување во НАТО
Откако договорот од Преспа ќе помине во грчкиот парламент, топката се сели во Брисел.. Планирано е протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО да биде потпишан од амбасадорите на 29-те земји-членки.. Во случајот со последната членка – Црна Гора, пристапниот протокол го потпишаа министрите за надворешни работи. За Северна Македонија избрана е опцијата со амбасадорите зашто таа е побрза, со оглед на фактот дека тие се постојано присутни во седиштето на НАТО. Последните проценки велат дека протоколот би бил потпишан за десетина дена – кон крајот на јануари или почетокот на февруари. За да се овозможи ваква брза лента, било потребно забрзување и на внатрешните процедури на одобрување на пристапниот протокол во некои земји-членки.. Особено комплицирани политички системи имаат Белгија и Канада, но според последните вести, нивните амбасадори навреме ќе добијат одобрување за да го потпишат протоколот во планираниот рок. Амбасадорката на САД во НАТО авторизацијата ја добила кон крајот на минатата недела..
Чекор 3
Полноправно членство во НАТО
По потпишувањето на протоколот, Северна Македонија не е членка, но добива столче на заедничката маса во НАТО. За формализирање на членството, потребно е протоколот на биде ратификуван од сите земји-членки.. Како што е предвидено во договорот од Преспа, прва тоа треба да го стори Грција. Искуството со Црна Гора покажува дека беше потребна една година потпишаниот протокол да биде ратификуван од сите членки. Ако ова се преслика на нашиот случај, тоа би значело дека Северна Македонија би станала членка во февруари-март 2020-та година. Но, во дипломатски кгугови се почесто се слуша дека група членки, предводени од САД, ќе се обидат да го забрзаат процесот на ратифакација, за Северна Македонија да стане членка уште оваа година. Според најоптимистичките сценарија, можеби веќе во септември или октомври.
Чекори 4, 5, 6,…
НАТО извесно, ЕУ (не)извесна
Дали со ратификуван договор од Преспа и сменето уставно име, Северна Македонија може да има пречки во интеграциските процеси?? Со овие прашање се занимава оваа студија насловена „Северна Македонија – што е следно“, изготвена од група професори од Грција, Бугарија, Германија… Сумирано, авторите не очекуваат проблеми во зачленувањето во НАТО.. Но, предупредуваат дека пристапните преговори со Европската Унија се долг процес, во кој влада предводена од сегашната грчка опозиција може да се доведе во искушение да блокира.. Особено чувствителни ќе бидат работата на заедничката историско-образовна комисија, решавањето на прашањето за трговските марки, судбината на спомениците од Скопје 2014… Затоа, авторите на студијата сугерираат ЕУ самата, паралелно со Северна Македонија, да изготви патоказ за имплементација на договорот од преспа и со тоа прашањето – од билатерално да се трансферира во мултилатерално, во рамките на унијата.. Авторите велат дека така ќе се стесни просторот за киднапирање на пристапниот процес од поединечна земја-членка.
Напишете коментар