Груби за ТВ 24 не сакаше да открие детали, но истакна дека нема да има нови предлози за измена и дополнување, туку за имплементирање на добрососедскиот договор и дека е оптимист оти ќе се изнајде решение со помош на партнерите во Брисел и Вашингтон да се откочи процесот со Бугарија
Нема никаков анекс на Договорот. Има неколку предлози во духот на Договор за добрососедство кои не го спорат македонскиот идентитет, ниту јазик, изјави вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, во емисијата “24 анализа” на ТВ 24, откако привремениот бугарски премиер денеска на прес-конференцијата рече дека македонската делегација дошла кај него во Софија со конкретен предлог за решавање на спорот кој ги блокира нашите евроинтеграции.
Груби не сакаше да открие детали, но истакна дека нема да има нови предлози за измена и дополнување, туку за имплементирање на добрососедскиот договор и дека е оптимист оти ќе се изнајде решение со помош на партнерите во Брисел и Вашингтон да се откочи процесот со Бугарија.
„Португалскиот предлог го поддржавме, рековме дека е добар во основа за решавање на спорот, а Бугарија го дочека на нож. Денешниот наш предлог е обид за адресирање на нивната загриженост во однос на позициите на Македонија кон соседот и апсурдно е дека Македонија би имала било какви територијални претензии кон Бугарија“,
рече Груби за ТВ 24.
Тој вели дека е апсурдно да се спори идентитетот на било која заедница и целосно се солидаризира со Македонците околу тоа прашање. Тоа не е во духот на европската солидарност, вели тој и смета дека треба да се остане на добрососедскиот договор.
„Не може да се решеваат денешни спорови со начин на размислување од 18 или 19 век, зашто сме веќе во 21 век. Спорот може да се реши само ако гледаме во иднината“,
рече Груби.