Тој беше и еден од говорниците на митингот порачувајќи дека е потребно помирување и обединување, а не поделба. Рече дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи, „нема ни огорчување, ни лутина“
Првиот вицепремиер Артан Груби пред телевизиска камера прашуваше луѓе дали им бил правен притисок за да дојдат на вечерашниот митинг во Чаир.
Тој ова го направи додека даваше изјава во живо на вестите на ТВ Телма кога новинарката го праша „Дали е вистина дека со притисоци врз администрацијата ќе носите луѓе од сите градови“.
По прашањето, Груби повика двајца партиски поддржувачи пред камерата и ги праша: „Ви прави ли некој притисок за да дојдете тука“.

Откако тие одговорија со „не“, тој рече дека тврдењето за притисоци е апсурдно.
„Ние немаме администрација, државната администрација е многу мала, општината има администрација. Значи, школите, амбулантите, градинките, општинските администрации кои се огромни. Ние немаме“,
рече Груби.
Претходно, дека се прават притисоци и има списоци во администрацијата за членовите да дојдат на вечерашниот партиски настан, обвини потпретседателот на ДУИ и претседател на огранокот во Чаир, Изет Меџити, кој е еден од најистакнатите припадници на „огнената група“.
Меџити рече и дека не го поканиле на настанот кој, според него, повеќе личи на концерт со оглед дека биле најавени гостувања на лица од естрадата.
„Ќе носат луѓе од Струга, Куманово, Липково, прават многу притисоци со списоци во администрацијата, со закани дека ќе им сменат работни места. Жално е да се види дека ДУИ сето ова месец дена го подготвуваат да направат реприза на тоа што ние го направивме со граѓани во Чаир. Мислам дека ова ќе биде порака до Ахмети, добро ќе беше да ги оставеше сам Артан и Бујар да видат која им е тежината во Чаир, во нивната општина. Но, ова е ситуацијата. Денеска слушнав дека и Ковачевски се занимава со митингот во Чаир, значи цела Влада“,
изјави Меџити.
Груби, пак, негираше дека Меџити не е поканет, но и рече дека „никој не се кани во својот дом“.
Тој беше и еден од говорниците на митингот порачувајќи дека е потребно помирување и обединување, а не поделба. Рече дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи, „нема ни огорчување ни лутина“.

„Овде сме вечерва затоа што ни треба помирување и обединување, а не поделба. Раката ми останува подадена, затоа што немам огорченост или лутина, научени сме да бидеме заедно затоа што така ни налага времето и овој е вистинскиот момент. Сите заедно ги трасираме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на неколкумина. Само слабите се плашат од конкуренција. Ништо не започнало и нема да заврши ниту со мене ниту со некој друг“,
рече Груби.