Тој додава и дека веднаш штом ќе ги заврши обврските за кои отпатувал ќе се врати дома
Поранешниот вицепремиер Артан Груби ги оценува како шпекулации информациите што од вчера попладне се шират во јавноста оти тој избегал од земјава.
Во текот на вчерашниот ден „360 степени“ побара одговор од Министерството за внатрешни работи (МВР) дали Груби навистина ја преминал државната граница на излез кон Косово, но одговор оттаму не добивме.
Исто така, прашавме и дали Груби ја поминал границата иако бил на т.н. стоп-листа и дали постапувањето на внатрешната контрола на МВР на граничниот премин „Блаце“ во текот на викендот е поврзано со тој случај?
Од МВР единствено ни рекоа дека тие немаат информации дека Груби е на т.н. стоп-листа.
Додека чекавме одговор, самиот Груби се огласи со објава на својот фејсбук-профил.
„Денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување“,
пишува Груби во објавата.
Тој додава и дека веднаш штом ќе ги заврши обврските за кои отпатувал ќе се врати дома.