Според организацискиот секретар на ДУИ, би било политичко харикири оваа партија да биде прескокната при формирањето на новата влада
ДУИ е подготвена повторно да коалицира со СДСМ, но идниот премиер би требало да биде Албанец, за да се надминат предрасудите дека етничките Македонци имаат монопол во однос на првата функција во извршната власт во земјава.
Со вакви тези настапи вечерва Артан Груби, организацискиот секретар на ДУИ, во гостување на Канал 5, посочувајќи дека партискиот лидер Али Ахмети разговара со лидерите на другите партии од албанскиот камп за поддршка на идејата за прв премиер Албанец во земјава.
„Ако можевме во 2017 година, со 10 пратеници, консензуално да го избереме Талат Џафери за претседател на парламентот, зошто сега, со многу повеќе пратеници Албанци, да не можеме консензуално да го избереме Насер Зибери за премиер“,
рече Груби.
Зибери, како што истакна Груби, е кандидатот на ДУИ за премиер и смета оти тој е најдоброто решение за оваа функција.
„Логично е да коалицираме со СДСМ. Тие имаат 46, ние 15 пратенички мандати, така што има мнозинство да се избере влада и да се овозможи стабилно владеење. Со СДСМ имавме многу успеси и постигнувања во овој мандат. ДУИ е стабилен партнер, а не авантуристичка партија која ги менува партнерите на секои три дена“,
изјави Груби.
Според Груби, како што Зоран Заев и Али Ахмети добиле албански гласови, така и ДУИ добила гласови од Македонците, со оглед на тоа што партијата, како што рече, се докажала како чувар на евроатлантскиот пат на земјата.
„Ние ѝ се обративме и на македонската етничка заедница. Тие знаат дека државата е најсигурна во рацете на Ахмети и на ДУИ. Покажавме дека сме најконструктивна партија, која од 2002 година досега е чувар на евроатлантскиот пат“,
нагласи Груби.
Нагласи, исто така, дека е невозможно ДУИ, со толку освоени гласови и мандати, да биде заобиколена при составување на идната влада.
„Тоа би било политичко харикири. ВМРО-ДПМНЕ го направи тоа во 2006 година и видовме дека тоа е неодржлива ситуација. Ако се случи тоа, ќе има голема мобилизација на гласачкото тело и ќе се вратиме со плебисцитарна поддршка на власт“,
оцени Груби.