Сериозното зголемување на бројот на случаи на ковид-19 и можноста за враќање на дел од ограничувањата за кои размислува кабинетот на Мицотакис се основна тема во денешните изданија на грќките весници.
„Коронавирус. Дојде вториот бран“, стои на насловната страница на „Та неа” која известува дека вчера се регистрирани 75 нови случаи на заразени. Во Атина, Солун, Волос и во Кавала се засилуваат мерките на претпазливост а владата и националната служба за јавно здравје ги мобилизираат сите расположливи сили.
„Елефтерос типос” исто така пишува дека вирусот се шири во Атина, Солун и во Кавала. Според весникот, се размислува за ограничување на работното време на ноќните клубови па дури и за нивно затворање за се спречи собирање на поголеми групи.
Во денешното издание на „Контра њуз“ се вели дека „работите излегле од контрола“ и се бараат построги мерки.
Тие најавуваат дека освен ноќните клубови, ќе бидат затворени и објектите во кои се организираат свадби и прослави а ќе им биде ограничено работното време на рестораните и кафулињата. Исто така, како што навестува весникот, се размислува и враќањето на задолжителните смс-пораки при излегување од дома на повозрасните и задолжително носење маски, дури и на отворено.
„Катимерини” објави дека во Кавала е затворена фирма за преработка на месо бидејќи во неа на ковид-19 се позитивни 23 вработени.