Во Солун, Атина и Халкидики ќе се зголеми времетраењето на полицискиот час и наместо од 21 часот ќе почнува во 18 часот. Како што јавува МИА, во неколку делови на Грција што се со влошена епидемиолошка слика или се во т.н. црвена ковид-зона, од утрово во сила се нови, дополнителни рестрикции.
Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Солун и на Халкидики, мерките во главно се однесуваат на викендите. Продавниците ќе работат само од понеделник до петок и ќе може само да се подигнува претходно направена нарачка.
Без промени, со исклучок на викендите, ќе функционираат фризерските и козметичките салони, берберниците, обложувалниците, како и центрите за техничка контрола на возила, а регуларно ќе работат и училиштата и градинките, со физичко присуство, освен дел од средните училишта кои продолжуваат со онлајн настава.
За време на викендите, отворени ќе бидат само супермаркетите, продавниците за храна, фурните, аптеките и бензински пумпи со дозволено работно време до 17 часот.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на синоќешната прес конференција, соопштувајќи ги мерките рече дека со исклучок на неколку региони, во поголемиот дел од земјата, ситуацијата е стабилна, додека пак 11 области и понатаму се во црвената зона, а во пет општини се воведуваат дополнителни рестрикции.
Во општината Тира на островот Санторини, на Миконос, во Халкида на островот Евија, во Патра, како и во Агиос Николаос на Крит, се воведува строг карантин, со затворени училишта и градинки, затворени продавници, а забранет е и излез од овие општини.
Новите мерки за Солун, Атина и Халкидики, доаѓаат по зголемениот број новозаразени во изминатата седмица, како и по новите потврдени случаи на британската мутација на ковид-19
Одлуките на грчката Влада се по препораката на Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство, која вчера одржа маратонски состанок, што траеше многу подолго од вообичаеното и резултираше со доцнење од над час и половина на редовната прес конференција за соопштувањето на мерките.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна се отворија и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони, а од минатата седмица одново се воведоа рестрикции во црвените зони.