Со целосно укинување на забраната за движење за граѓаните и отворање на дел од продавниците, Грција од шест часот утрово, по 42 дена излезе од карантин и започнува со постепено олабавување на рестриктивните мерки.
Како што јави МИА од Атина, граѓаните со СМС-порака ќе известуваат за движењето, за што ќе добиваат потврда, а досегашното мото „остануваме дома“, се заменува со ,„остануваме безбедни“, при што во сила се следниве мерки: задолжително носење маска во одредени случаи или строга препорака за употреба на маска во зависност од местото на движење; препорака старите лица да продолжат да седат дома; строга препорака да се ограничи движењето на јавни места од полноќ до шест часот наутро; препорака за користење автомобили за избегнување метежи во јавниот превоз; препорака државните службеници да продолжат да работат од дома; промена во почетокот на работното време.
Маската за граѓаните е задолжителна само во јавниот превоз, такси-возилата, лифтовите и болниците.
За канцелариите, училиштата, универзитетите, верските објекти, супермаркетите и продавниците, угостителските објекти, фризерските и козметичките салони, како и за отворените простори, употребата на маска од граѓаните не е задолжителна, туку постои само препорака.
Денеска се отвораат книжарници, оптики, продавници за спортска опрема, фризерски салони, берберници, центрите за техничка проверка на возила.
Бројот на клиенти ќе биде во зависност од големината на салонот – ако е до 20 метри квадратни, не смее да има повеќе од четири лица, од 20 до 100 метри квадратни, четири лица плус едно лице на секои десет метри квадратни за секој дополнителен метар од 20 до 100.
За салоните од над 100 квадратни метри, 12 лица плус едно лице на секои 15 квадратни метри.
Веќе е дозволена физичка активност на отворено, но и на плажи, но на граѓаните им се препорачува собирите да ги ограничат на најмногу десет лица. Паралелно црквите се отворени за индивидуални молитви и посети.
Од денеска одново започнува со работа јавниот сектор во Грција, како и локалната самоуправа, онаму каде што постои можност ќе продолжи праксата за работа од дома, а за да биде побезбедно користењето на јавниот превоз и да се избегнат метежи, државните службеници на работа може да доаѓаат во три групи, во седум, во осум или во девет часот наутро.
Казни од 150 до 100 000 евра
Грчката полиција досега вршеше контроли за почитување на забраната за движење, а од денеска ќе контролира дали граѓаните носат маски, особено во јавниот превоз.
Казната за неносење маска на местата каде што е задолжителна употребата е 150 евра.
Паралелно, предвидени се високи парични казни и за непочитувањето на мерките и правилата во продавниците, фризерските и козметичките салони и слично.
За прекршување на правилата и заштитните мерки, бизнисите ќе се казнуваат парично, но и со привремено затворање, а казните се согласно големината на бизнисот и се движат од 2 000 до 100 000 евра.
Денеска започна првата фаза од олабавувањето на мерките во Грција. За месецов предвидени се уште две фази, на 11 и на 18 мај.
Следниот понеделник ќе се отворат и останатите продавници за малопродажба, а матурантите ќе се вратат во училишните клупи.
Во Грција, од почетокот на епидемијата, регистрирани се 2 626 позитивни случаи на ковид-19, активни се 1 108 случаи, 1 374 лица оздравеле, 144 починаа, а 37 се хоспитализирани и приклучени на апарати.