Со исклучок на супермаркетите, аптеките, бензинските пумпи, банките, пекарите, продавниците за миленичиња, месарниците, трафиките, доставата на храна, сервисите за поправка на автомобили, сите други останати продавници во Грција од денеска ставаат клуч на врата.
Ова се дел од мерките од листата на грчката влада за да се спречи ширењето на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
Дополнителна мерка на грчката влада е и забрана за влез во земјата за државјани на трети земји, односно на земји што не се членки на Европската Унија, што од шест часот утрово стапи во сила.
Во Грција вчера беше регистрирана петтата жртва од ковид-19, а вкупниот број на заразени со коронавирусот се зголеми на 387.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис им се обрати на граѓаните велејќи дека земјата е „во војна со невидлив, но не и непобедлив непријател“.
Во десетминутната видеопорака Мицотакис се задржа на последиците врз економијата, на зајакнувањето на здравствениот систем во земјата, на личната одговорност на граѓаните, на потребата сите да останат дома и истакна дека „се наоѓаме на почетокот на битката, која ќе биде тешка, особено во следните два месеца“.
„Во следните два месеца опасноста ќе добие гигантски димензии. Затоа и ќе следуваат нови ограничувања. И ќе треба сите да покажеме дисциплина. Оние што се однесуваат несоцијално, парадигматски, ќе се казнуваат. Зошто ќе имаат сторено двојно кривично дело: Против законот и против животот. Истото важи и за оние што го шират вирусот на дезинформациите со неосновани шпекулации. Бидејќи паниката е исто толку опасна како и болеста“,
порача Мицотакис.
Истакна дека владата е на нивно на задачата, но победата ќе дојде само ако сите бидат „дисциплинирани војници“, бидејќи „непријателот е невидлив и подмолен“.