Извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението за 2025 година што неодамна го објави Институтот за јавно здравје откри загрижувачки трендови, особено за вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки, со која биле опфатени едвај 62% од оние што требало. Кај примарната вакцинација, опфатот за сите вакцини е под 80%, далеку од посакуваните 95%

Живееме во свет каде најдостапните информации не се најточни и најпроверени, а новите генерации родители се многу изложени на социјалните мрежи за сметка на авторитетот на здравствениот работник кој е променет со годините – вели националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова, за нискиот опфатат со вакцинација во земјава.
Оцената на Грозданова доаѓа откако Институтот за јавно здравје неодамна го објави Извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението за 2025 година кој откри загрижувачки трендови, особено со МРП-вакцината, онаа против мали сипаници, рубеола и заушки. Од 19 369 деца што требало да ја примат, дури 7 215 не ја добиле првата доза од МРП. Кај примарната вакцинација, опфатот за сите вакцини е под 80%, далеку од 95% што се смета за минимална посакувана граница за создавање колективен имунитет.
Националната координаторка вели дека доколку се говори за тренд во изминатите десетина години, во минатото на овие простори било невозможно да се разговара за тоа дали некој е вакциниран или не, а сега се случува оние што се одлучиле да ги вакцинираат своите деца, тоа да го прават скришум за да не дојдат во конфронтација со антиваксерите. Според Грозданова, прашањето за квалитетот на вакцините воопшто не треба да се поставува.
„Секако дека медицината и фармацијата се отидени нанапред, особено за безбедност и ефикасност на вакцините, каде што овие како најстара медицинска интервенција, меѓутоа и како категорија на посебни лекови, подлежат на најригорозните и најстрогите проверки. Прво, да кажеме дека можеби првата медицинска интервенција, односно првото нешто што новороденчето го добива во болница во првите 72 часа се две вакцини – вакцината за хепатит Б и БСЖ-вакцината за туберкулоза“,
вели Грозданова.
Таа додава дека не постои разлика во квалитетот на вакцините што ги добиваат децата во европските земји и Македонија, и дека тие се од истите производители, иако одредени родители на своја рака во минатото набавувале вакцини од странство па со фрижидери ги носеле во земјава.
„Сега веќе и родителите сами знаат, па дури и две семејства коишто живеат едното тука другото некаде во странство, велат – а и вие ја примивте истата вакцина и ние ја имаме таа вакцина. И производителот и календарот е унифициран. Значи, Македонија не користи ништо поразличен календар ниту пак поразлични вакцини“,
вели таа.

Министерството за здравство, вели Грозданова, презема активности за подигнување на свеста и опфатот со вакцинација во земјава оти според последните извештаи, МРП-вакцината во 2025 г. ја примиле само 62 отсто од оние што требало. Токму затоа, во континуитет се организираат работилници и состаноци со здравствените работници на кои се обидуваат да ги охрабрат да делуваат проактивно во однос на зголемување на процентот на опфатени со вакцините.
„Се планира масовно повикување на децата, особено за МРП-вакцината, од повеќе причини, а она што ни е најалармантно е дека во соседството – во Бугарија – имаме веќе детектирани над 100 случаи од морбили во овој период, и во соседна Србија исто така оваа бројка е над 200 случаи“,
изјави националната координаторка за имунизација.
Грозданова информираше оти службите постојано работат на повикување на децата кои пропуштиле одредени вакцини, како онаа за мали сипаници, бидејќи во 2019 година, во земјава беа забележани четири смртни случаи на деца од морбили.
Вели оти ги разбира прашањата на родителите кои според неа се легитимни оти секој го сака најдоброто за своето дете, но потребно е да се слушне и какви ризици постојат доколку се одложува примањето на одредени вакцини. И покрај сите предизвици, вели Грозданова, како земја немаме проблем со школската вакцинација, туку со оние вакцини кои се примаат претходно.
„Ние работевме на две бихевиористички студии каде што со фокус-групи ги прашувавме и родителите и здравствени работници. Значи, најчесто е одложувањето, временското одложување бидејќи чекаат додека не го видат детето дека проодело, прозборело и слично – тука имаат задршка во однос на МРП-вакцината иако морам да кажам – секое одложување на вакцината го доведува детето во ризик да заболи од истата болест“,
заклучи таа.
