„Граѓаните имаат право да ја знаат вистината. Нека Мицкоски и Владата јасно и јавно кажат: Дали се подготвуваат да го менуваат Уставот за да внесат малцинства, а со тоа и Бугари? Со оглед на тоа дека тоа е единствената работа која моментално може да ја помести Македонија од мртвата точка во преговорите“, велат од партијата
Од СДСМ повторија оти остануваат на ставот дека европската иднина на државата не смее да се темели на уцени, туку на вистински реформи, почитување на македонскиот идентитет и достоинствен напредок кон Европската Унија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се подготвуваат за внесување на Бугарите во Уставот, иако, како што се вели во партиското соопштение, тоа јавно го негираат пред граѓаните.
Реакцијата на СДСМ следи откако известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, вчера појасни дека интервјуто дадено за бугарска телевизија е снимено пред повеќе од седум недели и дека не ја одразува актуелната динамика на настаните. Потоа, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ излегоа со реакција дека Филипче добил шлаканица од европратеникот Вајц по изјавите во кои ја критикува власта поради блокирањето на европскиот пат на Македонија.

„ВМРО-ОКГ вчера, по реакцијата на европскиот известител Томас Вајц дека неговото интервју во кое вели дека нема никаков напредок на реформите во Македонија е старо, веднаш направи напад врз СДСМ. Европскиот пратеник Томас Вајц изјави дека неговото интервју за бугарската телевизија е старо (снимено пред повеќе од седум недели, на почетокот на март) и дека Северна Македонија во меѓувреме забележала некаков напредок. Вајц истакна дека земјата уште има време да ги исполни обврските од реформската агенда до јуни“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат и дека Вајц повторно потврдил дека основниот и клучен услов за напредок и продолжување на преговорите со Европската Унија е внесување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија.
„Без тоа, според неговите зборови, нема да има понатамошни чекори. Значи ли ова дека Мицкоски и ВМРО-ОКГ се подготвуваат да го направат она што јавно го негираат: да внесат Бугари во Уставот?!“,
прашуваат од опозициската партија.
Опозициската партија оценува дека ова е важно прашање за јавноста и бара од премиерот и од владата јасно да соопштат дали се подготвува уставна измена со која во Преамбулата би биле внесени и Бугарите, што, според СДСМ, е единствениот чекор што во моментов може да ја придвижи земјата од застојот во евроинтегративниот процес.
„Ова е голема вест за граѓаните на Македонија и голем чекор кон продолжување на ЕУ-интеграциите. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината. Нека Мицкоски и Владата јасно и јавно кажат: Дали се подготвуваат да го менуваат Уставот за да внесат малцинства, а со тоа и Бугари? Со оглед на тоа дека тоа е единствената работа која моментално може да ја помести Македонија од мртвата точка во преговорите“,
се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ повторија оти остануваат на ставот дека европската иднина на државата не смее да се темели на уцени, туку на вистински реформи, почитување на македонскиот идентитет и достоинствен напредок кон Европската Унија.
„Прашањето за малцинствата во Уставот не смее и не може да биде дел од проблемот“,
велат од партијата.
Вајц во изјава за телевизијата Канал 5 вели дека интервјуто дадено за бугарска телевизија е снимено пред повеќе од седум недели и дека не е јасно зошто е објавено дури сега.
Изјавите во кои се зборува за оцена дека земјата нема напредок во реформите, додава дека се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.
Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамките на реформската агенда до јуни.
Инаку тој, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, Владата мора да ги спроведе реформите.
Од ВМРО-ДПМНЕ му порачуваат на Филипче дека при оценување на политичките процеси треба да се земаат предвид навремени и точни информации, а не погрешни интерпретации на стари изјави.
