Министерот за локална самоуправа во заминување Горан Милевски не одговорил според кои критериуми хонорарно се ангажирани лицата за кои во јавноста се појавија информации дека се негови блиски. Поради тоа, рече вицепремерката за политики за добро владеење Славица Грковска во емисијата „360 степени“, таа уште еднаш се обратила до Милевски со барање за дополнителни објаснувања.
Според неа, информацијата за тоа според кои критериуми лицата се хонорарно ангажирани е важна за целиот процес. Притоа, Грковска вели дека и покрај тоа што Милевски заминува од функцијата министер за локална самоуправа можна е натамошна постапка за него.
„Зависи од тоа што ќе видиме од наодите, што ќе произлезе од информациите што ни ги има доставено и коишто дополнително треба да ни ги достави. Врз основа на тие информации ќе постапиме понатаму. Дописите што доаѓаат до нас, поднесоците од граѓани, институции во еден дел се однесуваат и нам ни помагаат да утврдиме одредени слабости во системот и како тие да се надминат, но во другиот дел, ако утврдиме дека станува збор за сериозни наоди, да ги проследиме до институциите кои се надлежни да постапат согласно укажувањата и потоа да го следиме прогресот во тие институции за барањата“,
вели Грковска.
„А1он“ обзнани дека лица блиски до Милевски, негови другари, роднини и ученици преку Министерството за локална самоуправа биле ангажирани на швајцарски проект за кој примале хонорари. Милевски одговори дека се е законски и според процедурите.