„Тоа што мене ме воодушеви е дека веќе имаат две пресуди, две обвиненија против министри кои се обиделе да вршат политички влијанија на судството и тоа е прилично интересен механизам за начинот на кој се процесирале таквите случаи. Има многу работи коишто можеме да ги научиме“, вели вицепремиерката Грковска по посетата на Атина
Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска најави можна соработка и заеднички проекти меѓу С Македонија и Грција во полето на дигитализацијата и борбата против корупцијата. По својата тридневна посета на Атина, Грковска во интервју за МИА вели дека е означен почетокот на нова соработка со Грција во областите од нејзина надлежност. Изрази задоволство од разговорите со домаќините во Атина и откри дека министерот за правда на Грција предложил формирање заеднички комисии.
„Отворени се за заеднички проекти и за формирање на заеднички комисии коишто би работеле на одредени прашања како за дигитализација на процесите, така и за антикорупциски политики и соработка на институции коишто се во синџирот институции важни за борбата против корупцијата и организираниот криминал“,
вели Грковска за МИА.
Во овој контекст, вицепремиерката посочи дека за нас е исклучително важно што Грција како наш сосед кој многу одамна е дел од Европската Унија веќе ги има поминато сите фази на реформи и би ни помогнала побрзо да ги премостиме и прескокнеме предизвиците што ги имала таа, но и другите земји на патот кон ЕУ.
„Ова во суштина е почеток или отворањето на вратата за поинтензивна соработка, ќе останеме во контакт, кога ќе се вратам ќе имам средба со антикорупциските институции за да може со секоја од нив, со оглед на тоа дека ние сме задолжени за координација, да детектираме можни области за соработка, да ги ставиме на хартија и потоа да продолжиме да бараме кој ќе биде најдобриот модел за остварување на таа соработка“,
додава вицепремиерката.
Во антикорупциските политики, Грковска вели дека Грција има воведено многу интересни практики, како и интересни механизми предвидени со новата реформа што ќе почне да се имплементира.
„Тоа што мене ме воодушеви е дека веќе имаат две пресуди, две обвиненија против министри кои се обиделе да вршат политички влијанија на судството и тоа е прилично интересен механизам за начинот на кој се процесирале таквите случаи. Има многу работи коишто можеме да ги научиме“,
посочи Грковска.
Од друга страна, според вицепремиерката, и Грција може да научи од нас и од нашите практиките што се применуваат, нешто што било констатирано на заедничката средба со директорката на Националната институција за транспарентност, Александра Рогаку.