Ескобар на средбата истакнал дека покрај чекорите кои Владата на Република С Македонија неуморно ги презема со цел остварување на стратешките цели на државата, како членка на НАТО-сојузот е безрезервно вклучена и во поддршка на Украина од секој аспект
Република Северна Македонија има важна улога во регионот во очите на САД, што означува повисоко ниво на партнерство и пријателство меѓу двете земји. Ова го заклучиле заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, и Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, на нивната денешна средба, соопштија од Владата.
На средбата, вицепремиерката Грковска нагласила дека стратешкото партнерство со САД за Северна Македонија е од суштинско значење.
„Поддршката што САД ни ја дава особено во делот на справувањето со корупцијата е еден од најзначајните приоритети во градењето демократски и економски силно општество“,
рече Грковска, се вели во соопштението од Владата.
Заменик-помошникот државен секретар Ескобар, како што се наведува во соопштението, истакна дека покрај чекорите кои Владата на Република Северна Македонија неуморно ги презема со цел остварување на стратешките цели на државата, како членка на НАТO-сојузот е безрезервно вклучена и во поддршка на Украина од секој аспект, како со донации, така и со згрижување на бегалците кои се жртви на руската агресија.
Вицепремиерката Грковска го информирала заменик-помошникот државен секретар Ескобар за активностите кои се отпочнати од страна на Кабинетот за добро владеење и се она што е претстојно во насока на борбата против корупцијата, на доброто владеење и дигитализацијата.