Досега се уапсени тројца мажи и тие се изведени пред јавен обвинител, а во меѓувреме полицијата трага по останатите тројца членови на криминалната група чии шестмина членови, според дописничката на МИА од Атина, се државјани на Северна Македонија
Грчката полиција разби криминална група од Северна Македонија која крадела луксузни автомобили на Халкидики. Шестчлената група, која, според дописничката на МИА од Атина, е составена само од македонски државјани, се товари дека украла 19 луксузни автомобили во вредност од над еден милион евра.
Досега се уапсени тројца мажи и тие се изведени пред јавен обвинител, а во меѓувреме полицијата трага по останатите тројца членови на криминалната организација.
Членовите на криминалната група, како што објаснуваат од грчката полиција, првично ги лоцирале луксузните возила на странските државјани и туристи на полуостровот Халкидики, а потоа упаѓале во куќите со цел да им ги земат клучевите и да ги украдат автомобилите.
Секој од членовите имал конкретна улога – од самата координација на кражбата, лоцирање на возилата, вршење на кражбата и транспортирањето на возилата во странство.
Освен луксузните автомобили, грчката полиција соопшти дека осомничените краделе и пари, електронски уреди и часовници од куќите во кои провалувале, со вкупна вредност од над 60 илјади евра.