Копнените граници со Северна Македонија и Албанија се затворени веќе осум месеци
За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин „Промахонас“
Одлуката на грчката Влада за воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската Унија и шенген-зоната, за да се ограничи ширењето на коронавирусот, е продолжена до 14 декември 2020 година, јави МИА од Атина.

Првиот член од одлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патни и железнички) поврзувања од и кон Грција од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот ковид-19 на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови.
За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин „Промахонас“ (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно „Какавија“ кон Албанија, „Евзони “(Богородица) кон Северна Македонија и „Кипи“ кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР-тест.
Овие гранични премини се отворени од 7 до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и ЕУЛЕКС на Косово.
Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија и по еден со Северна Македонија, Турција и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР-тест.
Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на сите државјани на трети земји, од која било влезна точка, на кој било начин и со кое било средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на ковид-19 на грчка територија.
Исклучок се земјите членки на Европската унија и шенген-зоната, како и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Обединетите Арапски Емирати и Сингапур.
Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од шенген-зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.
Министерската одлука вчера беше објавена во „Службен весник на Грција“, стапува во сила вечерва една минута по полноќ, а станува збор за одлуките кои континуирано се продолжуваат во изминатиот период.
Копнените граници со Северна Македонија и Албанија се затворени веќе осум месеци.