Граничниот премин Богородица кон Грција е повторно отворен и функционира нормално, информира Министерството за внатрешни работи. Преминот денеска околу пладне беше времено затворен поради пожарот на грчка страна.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека повторно е отворен граничниот премин Богородица кој денеска беше привремено затворен поради пожар кој избувна на грчка страна. Во моментов граничниот премин функционира нормално“,
велат од МВР.
Поради затворањето на преминот се создадоа колони возила речиси до Гевгелија, а дел од возилата се пренасочуваа кон граничниот премин Дојран. Границата не беше функционална, а вработените беа евакуирани.
Пожарот се проширил во непосредна близина на преминот. Први на терен пристигнале пожарникарите од Гевгелија со цел да интервенираат и да не се прошири и на македонската страна од границата.
Од грчка страна, пак, како што напиша грчкиот весник „Прототема“, на терен се 22 пожарникари и 10 возила.