Главна задача, вели Ковачевски, ќе биде да се обезбеди струја и други енергенси во текот на зимата. Земјава е 100 отсто зависна со снабдување гас од Русија и затоа, нагласи премиерот, ќе мора да обезбедиме непречено снабдување и преку други алтернативи извори на што веќе се работи
Антикризни мерки ќе бидат насочени кон оние кои се најранливи во државата, како што и беше досега. Затоа граѓаните кои се со ниски примања, кои имаат помалку од другите да знаат дека ќе бидат први на кои ќе се однесуваат мерките, уверуваше денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во Тетово во врска со кризата и мерките што ќе ги носи владата.
Тој потсети дека со ребалансот на Буџетот обезбедени се 76 милиони евра за кризата и рече дека веќе е започнат дијалогот со стопанските комори во однос на дефинирање на мерките, прес се, за снабдувањето со електрична енергија. Обезбедувањето струја и други енергенси, вели премиерот, ќе биде главна задача претстојната зима.
„Главна задача ќе биде да се обезбеди електрична енергија и енергенси во текот на зимата. Знаете дека сме држава која 100 отсто се снабдува со гас од Русија и ќе мораме да обезбедиме непречено снабдување и преку алтернативни извори затоа ресорните министри веќе работат заедно со соседните држави во однос на тоа. Ако се јават недостатоци на електрична енергија на европскиот континент, веќе сме во разговори со Европската Комисија (ЕК) во однос на обезбедување на електрична енергија. “,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека компаниите од електроенергетскиот сектор веќе работат на обезбедување на потребната ликвидност како и на потребните суровини за непречено производство за електрична енергија, а Министерството за финансии работи и во моментов во однос на дефинирање на конкретни мерки и штом ќе бидат дефинирани ќе бидат презентирани пред јавноста.