Во пет општини, во кои над 90% од населението се изјаснило како Албанци на последниот попис, соодносот меѓу оние што гласале на вториот круг од претседателските избори и оние што гласале на парламентарните избори се движи приближно од 1:6 до 1:2
На секои шест гласачи во Општина Липково, кои до 13 часот излегле да го остварат гласачкото право на парламентарните избори, само еден гласа и на претседателските избори. Односно, во оваа општина во втората изборна единица на половина од изборниот ден за парламентарните избори гласале 17,07%, а за претседателските избори 3,28%. Бројките јасно покажуваат дека на терен се случува тивок бојкот.
Липково е општина во која како Албанци на последниот попис се декларирале околу 97%. Ги издвоивме податоците од одзивот на денешните двојни избори за уште четири други општини во кои Албанците сочинуваат околу 90% од населението или повеќе. Во сите е јасно видливо дека дел од населението ги бојкотира претседателските избори. Но, има и значителен број кои гласале, што варира од општина до општина.
Во Арачиново за пратеници гласале 16,39%, а за претседател повеќе од двојно помалку – 7,17%. Во Сарај на парламентарните избори гласале 21,51%, а за претседател 8,17%. Во Желино тој сооднос е 15,18% на 6,79%. Во Боговиње 15,24% на 5,17%.

До пред изборите, јавно, никој не повика на бојкот на вториот круг од претседателските избори. Околу пладне Артан Груби на Фејсбук објави видео за тоа како гласа. На снимката јасно се гледа и се слуша дека бара и го зема само ливчето за парламентарни, но не и за претседателски избори.
Овие бројки се важни затоа што за вториот круг од претседателските избори да биде успешен, односно да се избере претседател, потребно е на гласање да излезат повеќе од 40% од вкупниот број запишани избирачи. Во апсолутни бројки, тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи.