Незадоволните жители од улицата „Хо Ши Мин“ во Бутел денеска излегоа на протест за да им укажат на општинските и градските власти дека нема да дозволат изградба на дел од улицата „Боца Иванова“ со која ќе им биде одземен дел од земјиштето што го користат од 1964 година. Протестот на бутелчани денеска беше причина и за вербални меѓуградоначалнички пресметки меѓу Дарко Костовски и Данела Арсовска
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, и покрај тоа што во текот на вчерашниот ден не одговори на прашањата на „360 степени“ да го каже својот став околу овој проблем на бутелчани, денеска се појави на протестот и им се придружи на своите сограѓани.
А, протестот на бутелчани денеска беше причина и за вербални меѓуградоначалнички пресметки меѓу Дарко Костовски и Данела Арсовска. Костовски од протестот, но и од својот фејсбук-профил коментираше на одлуките на Градот, а Арсовска преку соопштение му врати одговор.
„Денес со задоволство се приклучив кон протестот кој го организираа жителите на улицата ‘Хо Ши Мин’, за време на кампањата пред изборите им дадов збор дека ќе се борам со урбаната мафија и ќе дадам сè од себе да го зачуваат нивниот мирен начин на живот. Нема да дозволам во Општина Бутел повторно да дивее урбаната мафија, исто така нема да дозволам мирните граѓани на оваа општина да бидат третирани како криминалци. Баба Невена, Чичко Мустафа и Чичко Кирил не се криминалци, тие се чесни жители кои никогаш немале проблеми со законот“,
рече Костовски.
Според него незадоволните жители протестираат против решеноста на градоначалничката Данела Арсовска по секоја цена да изгради улица која поминува веднаш до нивните домови, уште позагрижени се бидејќи жителите мислат дека сето ова се реализира за да се изградат згради согласно план донесен во минатото.
„Градоначалничката Данела Арсовска за жал не е достапна за овие загрижени граѓани, повеќе од еден месец не успеваат да направат средба со неа. Да ја потсетам дека за време на кампањата јас лично сум побарал глас повеќе за неа, со цел да не дојде до ваква или слична ситуација“,
додаде тој.
Костовски нагласи дека денеска Општина Бутел испратила допис до Град Скопје со кој ја поддржа граѓанската иницијатива со која од градот Скопје се бара трасата на градската улица да биде поместена, или во договор со граѓаните да се изнајде прифатливо решение.
„На првата седница на советот на Општина Бутел јас лично ќе потегнам прашање за поништување на маркиците за згради во овој дел на општината“,
нагласи Костовски.
Од Град Скопје, по протестот, испратија соопштение во кое наведуваат дека нема да се впуштаат во коментирање на политиканти и политизирање на секоја деструктивна и блокирачка активност во организација на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалниците кои доаѓаат од редовите на оваа партија.
„Трасата на улицата ‘Боца Иванова’ е предвидена со Генералниот урбанистички план, и во целата своја должина се простира на земјиште кое е во државна сопственост. Во овој дел законот е јасен и дециден, и нема простор за политички манипулации со истиот“,
наведуваат од Град Скопје во соопштението.
Неправото, додаваат оттаму, не може да произведе право, и затоа граѓаните на градот Скопје не може да бидат спречени во своите права за своите даноци да не добијат соодветни услуги, нова инфраструктура и безбедно сообраќајно решение. Неправото на неколкумина не може да го дерогира правото на сите, велат од Град Скопје.
„Што се однесува на наводни ДУП-ови за изградба на згради на потегот на оваа траса, апелираме до градоначалникот на општина Бутел конечно да ги научи своите ингеренции. Детален урбанистички план носи општината, а не градот Скопје. Тоа што Дарко Костовски ветувал дека на тој дел на улицата ‘Боца Иванова’ ќе легализира земјишта на кои ќе вцртува маркици за изградба на згради, кои сега поради реконструкцијата на улицата нема да биде возможно, е негов проблем, а никако проблем на градот или на граѓаните на градот Скопје. На овој појас, градот Скопје воведува забрана за изградба и предвидуваме целиот овој потег да биде зелен појас“,
додаваат од Град Скопје.
По ваквиот одговор од Град Скопје, на својот фејсбук-профил повторно коментар напиша градоначалникот на Бутел, Костовски.
„Данела повторно е надвор од реалноста, продолжува да пишува реакции и соопштенија од канцеларија. Кога Арсовска зборува за право, тоа е исто како кога Осама Бин Ладен би зборувал за западни вредности или Хемингвеј би зборувал за градежништво. Ете, толку е својствено за Арсовска да зборува за право“,
напиша Костовски.
Што се однесува до самиот проект, додава тој, најлесно е да се пишуваат соопштенија од канцеларија, веројатно и така е поедноставно да се избега од народот.
„Но, народот на тоа ќе те потсети тогаш кога ќе треба, на избори, дотогаш јас сум заедно со бутелчани, да се бориме заедно за решение на секој еден проблем. Данела, згради во Бутел нема да има“,
ѝ порача Костовски на Арсовска.
Оттука, апелираме граѓаните да не дозволуваат да бидат изманипулирани и инструментализирани за остварување на бизнис-интересите на неколкумина политиканти и бизнисмени. На крајот, одговорноста е на оној кој узурпира државно земјиште, а не на политикантите.
Според жителите на улицата „Хо Ши Мин“, зад пробивањето на улицата, во целата ситуација проблемот е многу поголем бидејќи во заднина стои бизнис-интерес. Спроти нивните дворови има празен простор каде што треба да се градат седум висококатници. Затоа тие се уверени дека целта на изградбата поголема улица е да се отвори пат за во овој дел да се изградат згради кои ќе го сменат ликот на населбата. Решението го гледаат во поместувањето на улицата неколку метри, во делот што е предвиден за зградите.