Градоначалникот изразил и надеж дека прекинот на огнот ќе им овозможи на луѓето кои се наоѓаат во челичарницата брзо да го напуштат тоа место
Градоначалникот на украинскиот град под опсада Мариупол, во обраќање за медиумите рекол дека луѓето кои се кријат во големиот комплекс на челичарницата Азовстал се соочуваат со недостиг на храна, вода и лекови.
Градоначалникот Вадим Бојченко ја опишал состојбата во челичарницата како „страшна“. Оваа челичарница е последното место во овој град каде се уште има украински борци заробени таму, заедно со цивилно население.
Комплексот од советската ера има голема подземна мрежа на бункери кои можат да издржат воздушни напади. Но, состојбата станала потешка, бидејќи како што јавуваат украинските медиуми, руските сили фрлиле низа бомби кои уништуваат бункери.
„Локалците кои успеваат некако да го напуштат Мариупол велат дека тоа е пекол, но кога ќе ја напуштат оваа челичарница велат дека таму е уште полошо“,
изјавил Бојченко.
Тој додал и дека луѓето заробени во челичарницата „молат да бидат спасени“.
Градоначалникот изразил и надеж дека прекинот на огнот ќе им овозможи на луѓето кои се наоѓаат во челичарницата брзо да го напуштат тоа место.
Русија претходно понуди примирје кое беше одбиено од Украина, со образложение дека Москва веќе прекршила други договори.
„Се надеваме дека непријателот има трошка храброст“,
рекол градоначалникот на Мариупол.
Тој се обратил денеска на видео конференција во организација на украинската Влада.