Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев, е позитивен на новиот коронавирус.
Резултатите од тестовите тој ги добил денеска откако заедно со сопругата направил две тестирања во приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“ во Скопје.
Крстев решил да се тестира откако кон крајот на март бил кај фризерот од Кочани кој во понеделникот почина на Клиниката за инфективни болести како последица од вирусот.
„По информациите дека фризерот е заболен, на своја иницијатива направивме две тестирања со сопругата, при што првиот тест беше негативен, а вториот позитивен. Од 1 април сум во самоизолација, а ги известив и вработените во Општината да ја применат истата мерка. Во моментот немам никакви симптоми за нарушена здравствена состојба, но ќе видиме како ќе биде во наредните денови“,
вели Крстев.
Информацијата дека некој е позитивен на ковид-19 во општинската зграда на социјалните мрежи прва ја објави матичната лекарка на градоначалникот, Јасминка Ајтовска. Таа упати повик до жителите на Чешиново и Облешево, секој кој бил во контакт со градоначалникот или со вработен во Општината да се јави кај својот матичен лекар.
„Секој кој во последните 10 дена бил во контакт со градоначалникот или со некој од вработените во Општината..да се јави кај својот матичен лекар за понатамошни инструкции и лична заштита. Да не се создава паника.заболени од коронавирусот нема, но има позитивни од општинската зграда, кои се без симптоми“,
напиша Ајтовска.