Установите за згрижување и воспитување на децата од денеска почнуваат со работа согласно здравствените протоколи. Сите установи во земјава, согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија со ковид-19, имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14 555 деца.
Според протоколот, се ограничува бројот на деца во една група: за децата до двегодишна возраст максималниот број во една група е 6 деца, а за децата од 3 до 10-годишна возраст максимум е дозволено да има по 15 деца. Се предвидува за секоја група да има по двајца вработени во смена.
И на децата и на вработените при влез задолжително ќе им се мери температура. Вработените задолжително ќе носат маски. Внатре во градинките престојот на децата треба да се организира на начин да се избегне меѓусебен контакт на различни групи деца, во согласност со можностите. За секое дете ќе треба да се обезбедат по две постелнини. На секои два часа, пак, да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. Растојанието меѓу масите да биде 1,5-2 метра.
При приемот на децата во градинка ќе има распоред по возрасни групи на тој начин што помеѓу приемот на две групи кои влегуваат на ист влез ќе треба да помине период од 10 минути.
Родителите ќе треба да достават и лекарска потврда од матичен за здравствената состојба на детето, а пишува дека е потребно и „установата да обезбеди потврда од родителот дека работните задачи задолжително мора да ги извршува на работно место, без можност за работа од дома“.