Градот Скопје денеска во паркот на МКЦ ќе организира трибина во врска со идните планови за Универзалната сала.
На трибината ќе учествуваат претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот, архитектурата и други, како и организатори на фестивали и културни манифестации што се одржувале во Универзалната сала.
Судбината на оваа сала дојде во фокусот на јавноста откако кон крајот на јули градските власти распишаа конкурс за избор на идејно решение со кое би се граделе летна сцена и парк на местото на Универзалната сала во Скопје. Тогаш од Градот посочија дека постојната Универзална сала не ги задоволува потребните капацитети и оти од Асоцијацијата на архитекти посочиле дека ако се гради поголема сала тогаш таа би требало да биде на нова локација. Сепак, уште тогаш од Град Скопје нагласија дека тоа не е конечно решение.
Од Асоцијацијата реагираа дека тие се за зачувување на Универзалната сала, а предлогот за нејзина „преселба“ го дале затоа што градот утврдил дека има потреба од поголема концертна сала.
Градоначалникот Петре Шилегов, пак, по низата реакции во јавноста во интервју за „Слободен печат“ рече дека нема да дозволи рушење на Универзална ако граѓаните и стручната јавноста се противат.
*Поврзани вести:
Планот за дислокација на Универзална не е конечен, на маса се повеќе опции
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов со еден потпис реши да го урне симболот на Скопје
Шефот на кабинет на Шилегов одговара: Универзална нема да се руши, ќе се гради, но каде?
Шилегов најави можен референдум за Универзална сала
Шилегов: Нема да дозволам рушење на Универзална, очигледно јавноста сака да се реставрира