„Ја известуваме јавноста дека со Законот за Град Скопје е прецизно утврдено чии се надлежностите за дезинсекција, дезинфекција и дератизација, односно Град Скопје нема надлежност за дератизација или постапување во случаи со змии или други влекачи или глодари“, се вели во соопштението од градските власти
Откако со денови жители на Скопје алармираат дека на многу места во градот се забележуваат змии, денеска градските власти преку соопштение информираат дека тие не се надлежни за дератизација или постапување во случаи со змии или други влекачи или глодари.
„Поврзано со дезинформациите пласирани во јавноста, а во врска со последниот случај на појава на змија во центарот за обука во Идризово, ја известуваме јавноста дека со Законот за Град Скопје е прецизно утврдено чии се надлежностите за дезинсекција, дезинфекција и дератизација, односно Град Скопје нема надлежност за дератизација или постапување во случаи со змии или други влекачи или глодари“,
се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму, повикувајќи се на член 15 став 1 точка 4 од Законот за Град Скопје велат дека јасно е утврдена обврската на општините во градот за дератизација и дезинфекција и додаваат дека десетте општини се надлежни за дератизација и дезинфекција на населените места на својата територија.
„Дератизација е збир на процедури кои се спроведуваат со цел да се уништат опасни штетници и можни носители на одредени заразни болести. Дезинфекцијата е постапка насочена кон уништување на најголемиот број на несакани микроорганизми со различни физичко-хемиски средства“,
се додава во соопштението.
Градските власти велат дека со член 10 став 1 точка 4 од Законот за Град Скопје, утврдена е единствено надлежноста на градот за дезинсекција, како збир од процеси кои се преземаат за сузбивање на инсектите.
Денеска од Итната медицинска помош информираа дека 50-годишен маж кој престојувал во затворот „Идризово“ во вторникот пријавил дека е каснат од змија. Од Итната медицинска помош велат дека ова е првиот евидентиран случај на каснување од змија, откако Центарот за управување со кризи (ЦУК) изминатиот период постојано апелира за појава на змии во населените места, особено низ населбите во главниот град.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) пред неколку дена упатија апел да се внимава при прошетки во природа поради присуство на змии. Оттаму велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати, тогаш може да нападнат и да каснат.
Во таков случај, додаваат од ЦУК, граѓаните по укажаната прва самопомош, корисно е да се јават на единствениот телефонски број за итни случаи 112, од каде што ќе бидат поврзани од итната медицинска служба и ќе добијат совет за понатамошен третман.
Особено е важно, велат од ЦУК, граѓаните да добијат медицински третман што поскоро доколку се каснати од змија која е отровна.
Од ЦУК велат дека за отстранување на змиите не постојат специјализирани институции, туку има физички лица, но и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии и други влекачи од објекти и површини.