Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се изврши првиот нареден ден кога временските услови ќе бидат поволни, во истите термини, велат од Град Скопје
Почнувајќи од утре, па до 26 август, Град Скопје ќе спроведе авионска и терестична дезинсекција против комарци, соопштија пред малку оттаму. Прскањето ќе се реализира во неколку денови во утврдени термини.
„Авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против комарци, ќе се реализира на 20.08.2026 (четврток) и 21.08.2026 (петок) во раните утрински часови.
Терестична дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против комарци, ќе започне на 23.08.2026 (недела) и ќе трае до 26.08.2026 (среда), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден“,
велат оттаму.
Посочуваат и дека доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се изврши првиот нареден ден кога временските услови ќе бидат поволни, во истите термини.
„Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите“,
наведуваат од Град Скопје.
Претходно денеска СДСМ го обвини градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дека затаил со превентивните мерки, поради што, како што велат оттаму, Скопје е под опсада од заразни комарци.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека не само што навремено е прскано против комарци, туку тоа е направено 13 пати до денес.
„Дополнително, до крајот на сезоната, ќе се извршат повеќе од 20 дезинсекции против комарци. Надвор од редовните прскања, направени се три прскања по индикации. Две во Драчево и една во Гази Баба. Паралелно се работи и на лоцирање на застоени води, бидејќи во основа она што е потребно во моментот е прскањето од земја, а не друг тип прскање. Сè што е во рацете на надлежните институции, тоа и се презема. Од СДС освен обвинувања и демагогии друго и не очекуваме. Затоа и се онаму кај што се“,
велат од владејачката партија.
Од 12 август е прогласена епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Во моментов има 36 потврдени и 2 веројатни случаи на заболени од западнонилска треска. Четворица починаа.
